„Версаче“ за крај : Боки 13 знае „се што сјае не е злато“


Фото: Б. Грданоски

Чантата „Луј Витон“ полна со пари го пикна во затвор, ама шоуменот Боки 13, првоосомничен во случајот Рекет денес за пресудата во Врховен суд избра шамија „Версаче“ како моден детал на класичниот изглед, сив комплет и мокасинки од превртена кожа во боја на старо злато, без чорапи.

Фото: Б. Грданоски

Доби висока казна-9 години затвор ама високи беа оценките и за неговиот изглед-сериозен, но и во однесувањето, особено во драмата на менување на очилата за сонце очила со диоптерски очила под шминкерскиот заштитен визир. А и хартиената кеса „Томи Хилфингер“ ноншалантно ставена на масата  носи некоја порака, ама не ја дознавме тајната.

Јовановски, познат и како неформален сопственик на „1ТВ“ беше препознатлив по брендираните и скапи модни парчиња со кои се појавуваше без пардон во јавноста и се фалеше со нив. Оригинал или фалсификат Гучи, Луј Витон, Шанел беа на модниот репертоар на Јовановски, редок моден фанатик и зависник на македонската трач сцена.

Фото: Б. Грданоски

На рочиштата на судењето за случајот „Рекет“ – и пофалбите за модниот стил на Боки 13 беа на репертоарот колку и деталите дали тој изнудувал пари од Орце Камчев.

Познатиот стилист од скопската сцена, Сергеј Варошлија, кој беше една од главните личности во телевизијата 1ТВ, како сведок и пријател, на судењето го претстави Јовановски како своевидна модна икона во регионот, па дури и пошироко.

„Соработуваше со ‘Версаче‘ и други познати модни куќи кои го бараа бидејќи сакаа луѓе кои се различни, кои не се здодевни, а Бојан беше токму таков. Беше сѐ само не здодевен лик. Често му подаруваа и облека“, зборуваше Варошлија.

Фото: Б. Грданоски

И сопственичката на еден оптичарски дуќан и пријателка на Јовановски, Марија Јанковска во судот објаснуваше како често му подарувала наочари на Боки 13 за да ги рекламира за потоа тој потег да ѝ донесе нови муштерии. И Јанковска тврдеше дека многу модни куќи му подарувале облека на Јовановски, споменувајќи ги „Версаче“ и „Валентино“.

„Бојан имаше контакти и средби со менаџерите од модниот свет. Тие знаат да подарат некои работи на познати личности, инфлуенсери. Се случувало и на Боки да му подарат“, објаснуваше Јанковска. (Л.С.)

Фото: Борис Грданоски