Веројатно корона вирусот бил присутен во земјава уште во јануари


Не се исклучува можноста корона вирусот да бил присутен во земјава уште во јануари, потврди министерот за здравство, Венко Филипче.

Имено, во едно од двете тела најдени во Велес, на уште во јануари починати мајка и син, најден е вирусот, во дишното стебло.

„Не е исклучена можноста вирусот да бил присутен во нашата земја и порано, посебно имајќи во предвид што излегуваат сѐ повеќе публикации дека има и асимптоматски носители на вирусот“, рече Филипче.

Според билтенот на МВР од 6 април полицијата дента во 11 часот пронашла две мртви тела на мајка и син во стан на улица „Ѓорѓи Војтех“ во близина на градинката кај „Жаба зграда“, откако соседите телефонски пријавиле во СВР Велес.

Соседите алармирале бидејќи неколку месеци тие не ги виделе мајката и синот да излегуваат надвор. Тие велат дека мајката (89-годишна жена) била слепа, а нејзиниот 53-годишен син имал психички проблеми, но не правел проблеми. Посочуваат дека иако имале материјални примања како ранлива категорија не биле соодветно згрижени, а немале семејство во градот.