Веродостојноста е најважна во трилерите: Интервју со писателот Анде Јанков
Анде Јанков е писател на трилер романи од Велес, кој годинава слави јубилеј – 10 години од првиот роман. Низ годините пишува кратки раскази, за таа негова креативност во пишаниот збор, пред десет години да премине во рома. Среќни околности го доведуваат до наградата „Романијада“, со наеговиот деби-роман „Едно лето на Крит“, за подоцнежните негови романи да почне да ги издава реномирана издавачка куќа. Додека го пишува веќе седмиот роман од серијалот за детективот Виктор Николов, продолжува со својата нова пасија, почната во 2020 година – книжевниот буккаст „Книжевни разговори“. Тој е дипломиран економист, кој во моментот работи за германска фирма, но онлајн, од дома, што му дозволува време да се посвети и на пишувањето. За почетоците, инспирацијата за пишувањето, за наградите, изборот на теми и наслови, разговаравме со Јанков.
Десет години откако одлучи да бидеш писател, првото прашање е што беше иницијалната каписла за да почнеш да пишуваш?
Иницијален поттик да почнам да пишувам беше една моја посета на островот Крит во 2014 година, кога воодушевен од убавините на островот сакав истите да ги опишувам во една фиктивна приказна. Кога стана прашање каков тип на приказна ќе биде тоа, тогаш проработе можеби – стравот. Што доколку се случи нешто од таков тип како што им се случува на карактерите во приказната? Иако подоцна сфатив дека, фактички тоа било само една несвесна потреба да се искаже некаква филозофија за животот преку фиктивен наратив, – бидејќи приказните се точно тоа, замена за животот – а ликовите, ништо друго туку метафора за нас, луѓето. Секако, тогаш воопшто не помислував дека ќе продолжам со творење на повеќе приказни, така што и самиот се најдов затекнат од тоа дека во мене се криел писател. Иако да бидам искрен, додека растев, во средно училиште и нешто потоа, имав навика да составувам кратки раскази најчесто од научно-фантастичен карактер. Што значи, нешто тлеело внатре, можеби несвесно, некоја потреба да се изнесат ставови или да се искреира некаква приказна бидејќи доаѓам од креативно семејство кое сепак се занимавало со уметност – баба ми и дедо ми од татковата страна заедно создавале огледала и гоблени. Сега сум посебно горд што успеав да бидам препознатлив по некаква креативна уметност – пишувањето приказни.

Влијанието на некои популарни писатели на трилери е видливо во твоите дела, но зошто токму тој жанр – трилер?
Најмногу поради тоа што трилерот како жанр во себе инхерентно содржи одредени тематики и филозофии за животот кои писателот може да ги тестира во текот на една фиктивна приказна, во далеку поголема мера отколку доколку се пишува едноставно драма, литературна фикција и слично. Тука пред сè станува збор за моралност, правда и вистина. Инаку, второстепена придобивка од пишувањето во овој жанр е тоа да авторот се обиде да го измами читателот преку користење на жанровските тропи и секако трето, последно но не и најмалку важно, е писателот самиот да биде задоволен од тоа како тој на крајот ја исткаал приказната. Тука секогаш ја кажувам таа мисла од Агата Кристи, која за романот “И не остана никој” има напишано дека и е најзадоволителна книга, бидејќи само таа знаела колку тешко било да се напише такво нешто.
Главниот лик детективот Виктор е „жив“ само 10 години, но тој е возрасен маж, кој покрај кариерата се обидува да изгради и еден семеен живот. Се соочува ли низ неговата кариера, како што шаблонски се случува во секој трилер-серијал, кај сите светски автори, со закана по животот на неговите најблиски,да се најде во улога на спасувач на некој близок?
Се трудам во серијалот да воведам и такви елементи, но сепак нивното присуство треба да е лимитирано, бидејќи сепак ова е таков тип на серијал на книги од police procedural жанрот – што значи дека примарно го следиме животот и работата на припадници на полициските сили, а второстепено му доаѓа како нивната припадност на таа бранша од општеството ќе влијае на нивните семејства.
Колку истражување и подготовки бара пишувањето вакви книги? Можеби познаваш некој детектив или дали македонската полиција е отворена да соработува со некој писател кој би истражувал или би бил сведок на водење истрага во тешки случаи на убиства и злосторства?
Уф, бара доста позадинско истражување и подготовка. Кога се пишува во овој жанр, покрај стандардните мотиви од кои што тргнува секоја книга: тема, идеја и слично, неминовно мора човек и да ги истражи сите работи поврзани со тематиката која што ќе ја опфати во романот. Цела среќа па со текот на годините изградив фина мрежа на пријатели-полицајци кои редовно ми помагаат во мојата работа, за да останам во границите на тоа што е можеби најважно кога се пишува во било кој жанр – веродостојноста на напишаните редови. Еве точно во овој момент работам на мојот седми роман, и постојано проверувам податоци поврзани со постапки, закони и слично, за да приказната биде блиска до реалноста.
Низ книгите се забележува еден посебен интерес (првенствено твој, а потоа се пренесува како карактерна особина на ликовита), да се облагороди делото со некои помалку познати факти или пак описи на градовите во кои се случува дејството. Интересно би било да ни кажеш дали некое подлабоко истражување те довело до податоци за кои никогаш не си слушнал, а потоа си ги вметнал во книгите?
Апсолутно. Фактички како јас му приоѓам на овој момент е впивам широк спектар на влијанија од надворешната средина (факти, анегдоти, филозофски концепти и слично) и потоа согласно темата на романот истите ги вметнувам при градењето на приказните. Можеби и затоа пишувањето на една книга трае толку време барем кај мене – бидејќи романите ми се таписерија од сите овие работи исткаени едни со други. На пример, за потребите на последниот роман истражував за проституцијата во Загреб, за историскиот развој на делови од градот и слично. Мене ми е посебно драго што често пати читатели се јавувааат и при рецензии пишуваат дека тоа што им се допаѓа во моите книги е тоа што со секој нареден роман учат нешто повеќе или за човековата природа, за поширокото општество или со последните два романи, и за самата литература и наратологијата како гранка на литература.

Се заработува ли доволно за живот како фул тајм писател во Македонија?
Не, за жал се уште недоволно за човек да остави се останато и постојано финанскиск да опстојува само од тоа. Доколку си доволно продуктивен со творење, сам ги издаваш своите книги и имаш време за да се грижиш и за дистрибуција, маркетинг и продажба, можеби и се стигнува речиси до некое такво ниво, но сепак тие примања во денешни услови не се доволни за пристоен живот и човек секогаш мора дополнително да заработува од некоја друга активност.
Твоите дела ги издава позната и реномирана издавачка куќа. Како се постигнува тоа, со оглед на мноштвото македонски писатели кои мора своите дела да ги самоиздадат?
Сакам да верувам дека секогаш на почетокот (покрај талентот), улога игра и елементот на среќа. Јас ја имав таа среќа да во 2016 година победам на конкурсот на издавачката куќа „Култура“ – Романијада, со мојот деби роман „Едно лето на Крит“, па за да бидам издаден од некој издавач како редовен автор. Но, доколку авторите се упорни, дури и да почнале со самоиздавање, ако изградат публика, сигурно ќе им пристапи и редовен издавач, и тоа го имам и самиот посведочено од некои од моите автори пријатели.
Има ли доволно писатели во Македонија кои пишуваат книги од овој жанр или има уште место за нови дела на пазарот?
Да, сега работите се далеку посменети од средината на минатата деценија, и во овој момент имаме достигнато квантитет на автори од најразлични жанрови, иако сè уште има простор за напредок. Е сега, останува од таквиот квантитет, да произлезе квалитетот. Јас секогаш се трудам оваа најнова генерација на смели креатори на приказни да ги промовирам или како промотор или како домаќин во мојата повремена емисија – поткастот „Книжевни разговори“.
Твоите книги се преведени на бугарски, се планира ли превод на други јазици и колку е „лесно“ да се стигне до таква соработка? Помага ли учество на самеите на книга за воспоставување таков контакт?
Сега дојдовме до втората болна точка на разговорот. Факт е дека во нашата земја авторите ја играат и улогата на агенти кои се задолжени за сопствено пласирање на странските пазари.
Во овој момент се работи на превод на хрватски јазик на романот „Кобајаши Мару”, и се надевам дека ако не оваа година, наредната тој ќе се најде издаден пред хрватската публика. Инаку секако дека учеството на саемите како автори кои ги нудат своите дела помага, во едно отсуство на литературна агенција за книга која би го покрила тој дел како во сите други земји.