Вердаско нема да учествува на „Ролан Гарос“ поради позитивен тест за Ковид-19


Фернандо Вердаско нема да учествува на Гренд слем турнирот „Ролан Гарос“ поради позитивен тест за корона вирус. Поранешниот топ 10 играч има 67 последователни настапи на Гренд-слем турнирите пред да го пропушти УС Опен оваа година. Вердаско, 36, е многу разочаран од неговата неможност да учествува во Париз и изрази сомнеж во веродостојноста на тестовите за КОВИД-19.

Вердаско откри дека бил позитивен на тест за коронавирус во август без никакви симптоми. Следуваа два негативни теста, и оваа недела повторно е позитивен. Вердаско додаде дека тој побарал нов тест, но организаторите на Ролан Гарос одбиле. Потоа Шпанецот направил тест во независна лабораторија, што бил негативен.

– Сакам да го изразам моето разочарување од организаторите на „Ролан Гарос“, кои ми го одзедоа правото да поминам нов тест за да го потврдам првиот или да покажам дека тоа може да биде грешка, напиша Вердаско.

Во средата, Бошњакот Дамир Џумхур рече дека ќе ги тужи организаторите на турнирот откако беше дисквалификуван за позитивен тест за корона вирус.