Верата посилна од државата и од короната !?


Додека десетици илјади луѓе излегоа од Скопје и градовите во полициски час, Владата го навлече револтот на православните верници поради забраната за посета на гробиштата на Задушница. Проблемот со верските празници и мерките против коронавирусот почна уште за Велигден, па со струшката литија, потоа со отворањето на џамиите од страна на ИВЗ, Рамазан Бајрам… Иако доскорешниот реис Сулејман Реџепи го прогласи коронавирусот за „умрен“, Македонија во последните денови урива рекорди со бројот на новозарезени. На таа тема беше посветена емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.

Тетовскиот муфтија Ќани Несими рече дека надлежните повеќе внимание требало да им посветуваат на пазарите, маркетите и големите ресторани, а не на верските објекти, без разлика на која религија и’ припаѓаат, бидејќи тие биле многу повнимателни и поодговорни.

– Зборовите на поранешниот реис дека коронавирусот е мртов беа кажани по Бајрам-намазот и ифтарите, па тие немаа никакво влијание. Секоја џамија мора да се дезинфецира пред и по намазот. Се одржува растојание меѓу верниците. Сите носат маски, не е дозволено групирање и ракување пред џамиите. Сите наши верници кога доаѓаат треба да одржуваат високо ниво на хигиена, Впрочем, тоа е обврска пред Севишниот. Пред бога нивните раце, лице и тело мора да бидат чисти – вели муфтијата Несими.

Вирусот постои за Митрополитот Преспанско Пелагониски и можат да се заразат и црковните лица, но црквата кажува дека од причесната не може да се заразиме оти сите свештеници досега ќе се разболеа и умреа. Владиката препорачува секој заразен и кој што контактирал да биде во изолација или самоизолација.

– Заразените да не доаѓаат во црква и нека повикаат свештеник со заштитна опрема дома за да се причестат без лажичка, со налевање. Селективно однесување поинакво за едни верски заедници, а друго за Македонската православна црква е погрешно и ваквиот однос нема да придонесе за почитување на мерките и надминување на пандемијата. Политичарите не делат нас и внатре во Синодот на наши и ваши. Ако во манастирот Јован Бигорски за Велигден и Струга со литијата се направени грешки штом не седнале цивилните власти и владиците да се договорат претходно, не треба понатаму така да се продолжи со тој однос – вели Владиката Петар.

Според митрополитот Преспанско Пелагониски раздавањето за Задушница на гробишта е погрешно. Раздавањето за покој на душата на починатиот треба да биде за помош на сиромашните и немоќните, а не за гоштевање на блиските на покојниот.

Владиката Петар побара државата да помогне со плата за свештениците, кои економски исто така се силно погодени од пандемијата.

Во емисијата учествуваа и Аександар Кржаловски од МЦМС и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Според истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка со М- Проспект од 10 до 25 проценти од граѓаните не веруваат дека Ковид 19 постои, а дури 48 проценти веруваат дека е создаден во неприродни услови, во лабораторија.

– Резултатите се различни во зависност од етничката група и кога прашувавме за загриженоста од последиците на пандемијата. Процентот на загриженост кај Албанците е помал од просекот кај Македонците. Кај жените, 82 отсто од анкетираните се плашат од можно заболување, кај мажите 62. Спроведуваме и истражување за економските последици и за промената на навиките што ги предизвикува коронавирусот. На пример, во однос на годишните одмори над половина од испитаниците не планираат да летуваат ниту надвор од Македонија, ниту во државата- вели Александар Кржалоски од МЦМС.

Градоначалникот на Дојран рече дека Дојран бил полн со гости од Скопје и од другите градови опфатени со полицискиот час. Осумдесет отсто од капацитетите во градот биле исполнети. По првичната најава оти ќе се бара помош од полицијата, па и од војската, за да се натераат гостите да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, состојбата се нормализирала.

– Не треба стапови како во Индија, само туристите да бидат одговорни, за да не се прелее вирусот во оваа засега „чиста” општина. За претстојната летна туристичка сезона, која поради коронавирусот граѓаните ќе ги упати во домашните летувалишта и одмаралишта, интензивно се подготвуваме и работиме на потребните протоколи и процедури што ги наментува новата реалност – рече Ангов.