Венко Филипче отиде на трибина во Кочани: Владата ги навредува родителите

За лидерот на СДСМ е целосно бесчувствително викендот кога протестираа родителите од Кочани ВМРО-ДПМНЕ да организира партиска прослава со пиротехника


Венко Филипче на трбината во Кочани

 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, беше во Кочани на трибина со граѓани и членови на партијата и порача дека власта з е неспособна да се справи со последиците од трагедијата, а има брутален однос кон граѓаните кои бараат правда и достоинство.

„Бевме внимателни, бевме емпатични кон луѓето. Комунициравме нејавно, со цел да не нѐ обвинат за политизација. Им се наоѓавме, прашувавме што и да треба, и сѐ што можевме – помогнавме“, рече Филипче.

Тој подвлече дека СДСМ покажала што значи одговорно политичко дејствување, без обиди за политичка корист од трагедијата:

„Не сакавме, буквално со ништо, по трагедијата да извлечеме каква било политичка корист“, рече тој.

Опозицискиот лидер нагласи дека власта не само што не испорачала правда, туку целосно потфрлила и во здравствениот систем.

„Што направи власта? Прво – не испорача правда. Понатаму – не испорачува здравствена услуга. Луѓето имаат реален проблем, а тие им го нудат центарот ‘Пониква’ за некаква рехабилитација. Во ‘Пониква’ не можеш ни на одмор да одиш, а не пак да третираш толку сериозни медицински состојби“, истакна Филипче.

Особено срамно, рече тој, е обвинувањето на родителите кои бараат правда:

„Ќе ги обвинуваат родителите дека биле инструмент на некоја политичка партија. Тие луѓе, коишто не спиеле со недели, шокирани од она што им се случи – ги нарекуваат со погрдни зборови“.

Филипче го осуди и односот на ВМРО-ДПМНЕ ко е викендот кога родителите протестираа, организираше партиски настан со пиротехника:

„Во таква ситуација, врв на бесчувствителност е – на денот кога родителите протестираат – да организираш настан на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и да запалиш пиротехнички средства“.

Венко Филипче зборуваше и за економската состојба и економските политики на власта. Тој рече дека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, цените растат, платите стагнираат, додека власта си ги покачува само сопствените плати.  Се осврна и на изјавата на Мицкоски дека Македонија е четврта економија во Европа. 

„Да излезе премиерот и да каже дека сме четврта економија во Европа – не знам дали е повеќе смешно или трагично“, рече Филипче, потенцирајќи дека реалноста на граѓаните е сосема спротивна.

Тој укажа на рекордниот јавен долг и економските притисоци со кои се соочуваат граѓаните и компаниите:

„На ваква економска ситуација, со практично крахирана економија и седум милијарди евра долг, со кој ги задолжуваат следните, па дури и неродените генерации – тоа е апсолутна катастрофа“, рече тој.

Филипче тврди дека домашните бизниси биле под економска болкада.

„Фирмите не можат да си го добијат назад повратот на ДДВ. Цените не можат, а и не сакаат да ги стават под контрола. Тоа е знак за потполна економска неодговорност“ – рече Филипче.

Според него, Владата не знае, не сака и не може да им помогне на граѓаните. Економската катастрофа е реална, а граѓаните ја чувствуваат секој ден – на касата, на пазарот, на сметките, рече тој.