Венко Филипче го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека манипулира со бројките за смртност од короната


Фото: Б. Грданоски

Откако главната опозициска партија обвини дека здравствениот менаџмент со епидемијата од корона е тотално фијаско, а Македонија е рекордер по смртност и на самиот врв по заразени граѓани во регионот, министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил изјави дека ВМРО-ДПМНЕ прави сериозна манипулација со бројките.

„ВМРО-ДПМНЕ прави сериозна манипулација со бројките за смртност од корона вирусот и тоа е навистина загрижувачки. Не разбирам како може да се манипулира и политизира оваа бројка, но должен сум да ја споделам вистината. Не е точно дека смртноста од корона вирусот во земјава е највисока во регионот. Таа е исто така далеку под европскиот и светскиот просек.

Дополнително, кај нас за разлика од многу други земји, се зема постмортем брис на лицата кои починале со симптоматологија на болеста. Ова е одговорна стратегија затоа што на овој начин ги изолираме контактите на починатиот и превенираме понатамошно ширење на епидемијата. Ако од вкупната бројка на починати од ковид-19 се изземат позитивните резултати постмортем, стапката на смртност во земјата би била уште пониска.

Апелирам да престанат деструктивно да делуваат и да ја политизираат темата со корона вирусот. Здравствените власти транспарентно и навремено информираат од почеток на кризата. Сите информации кои ги објавуваме се точни, а статистиките се изработени согласно препораките на меѓународните здравствени институции“, напиша Филипче.

Тој објави и графикони за да го поткрепи своето тврдење.