Венко Андоновски има нов личен ‘прозен готвач’ полн со рецепти за тоа како да се искали еден книжевен текст


Фото: Б. Грданоски

Издавачки центар ТРИ и денес продолжува со серија книжевни средби меѓу писателите и читателите, во рамки на „Зимскиот фестивал на книгата“.

Третиот книгокруг е посветен на лепословието на Венко Андоновски. Книжевната средба ќе се одржи на 29.1. (среда) во книжарницата на ТРИ во ГТЦ  од 19 часот, и е посветена на најновото дело на македонскиот писател и професор, „Опијатите на лепословието“ – лична теорија за романот, расказот и драмата.

Венко Андоновски (1964) е еден од нашите најчитани писатели. Добитник е на сите значајни домашни награди за проза и драма, како и на неколку меѓународни признанија. Професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, критичар и теоретичар, овој пат под критичка лупа ги става своите дела.

„Оваа книга е моја лична теорија за романот, расказот и драмата, книга во која не само што пишувам за своите дела туку и откривам некои свои „мали тајни“ на пишувањето. Во неа тврдам дека љубовното мелодрамско е брашното, трилерот е квасецот, апсурдот е месото, а гледните точки и „блендата“ на раскажувањето се зачините во тој „рецепт“ за „мојот специјалитет“ – романот. Говорам и за невидливите огледала поставени на тајни места, во кои се огледува текстот, пропаѓајќи вртоглаво во самиот себе. Говорам и за „температурата“ на текстот и како јас ја одржувам, како ја качувам или ја спуштам, а ја изнесувам и тезата дека температурата на текстот влијае врз температурата на душата кај читателот. Оваа книга е мој личен „прозен готвач“ и се надевам дека ќе им помогне и на други писатели кои се бараат себеси – да се пронајдат, зашто секој си смислува свој личен рецепт и има свој личен стил до кој самиот доаѓа. А ќе им помогне и на читателите – ќе им покаже како да читаат лепословија“, вели Андоновски.