Венецуела ги обвини САД дека подготвуваат терен за инвазија

Амбасадорот на Венецуела во ОН Самуел Монкада денеска изјави дека американската влада ѝ се заканува на неговата земја со војна и „подготвува терен за инвазија”.

-Мораме да ја сопреме оваа војна на Доналд Трамп, изјави Монкада пред Советот за безбедност.

Според него, хуманитарната криза во Венецуела е „директен плод на планот за економско уништување, подготвен од САД и Велика Британија“.

Монкада рече дека целта е економијата на Венецуела да се задуши за да се предизвика „социјална имплозија, која можат да ја искористат како повод за воена интервенција”.

Тој тоа го нарече „незамислив нечовечки експеримент во неконвенционална војна”, додавајќи дека целта е да се увезе „марионетска влада” предводена од водачот на опозицијата Хуан Гуаидо.