Венчаницата на принцезата Беатрис ќе биде изложена за јавноста во замокот „Виндзор“

Англија- Љубителите на кралските свадби ќе имаат шанса да видат одблизу специјална венчаница подоцна овој месец.

Венчаницата на принцезата Беатрис, која беше позајмена од нејзината баба Кралицата Елизабета за нејзината венчавка на 17 јули со италијанскиот финансиер и аристократ Едоардо Мапели Мози, ќе биде изложена во замокот Виндзор на 24 септември, објави палатата вчера.

32-годишната Беатрис побара од кралицата (94) фустан дизајниран од Норман Хартнел од 1960-тите, за свадбата закажана среде пандемијата на коронавирусот. Првичниот датум беше закажан за мај.

Одложената свадба се случи, во јули, во раскошните градини од семејната куќа на Беатрис во Големиот парк Виндзор – само во присуство на најблиското семејство.

Невестата и младоженецот и нивните мајки, вклучувајќи ја Сара Фергусон, војвотката од Јорк, имаа само околу две недели да ја подготват малата венчавка.

Беатрис ја следи својата сестра принцезата Јуџин (30) во тоа што ќе ја покаже својата венчаница пред јавноста. Невестинскиот фустан на Јуџин беше изложена во замокот Виндзор (како што беше и на Меган Маркл) околу четири месеци по нејзината венчавка во октомври 2018 година.

Венчаницата на Беатрис изработена од тафта во боја на слонова коска, со здолниште од сатен исто во боја на слонова коска, по оригинален дизајн на Норман Хартнел беше преправена од личниот асистент на кралицата, Ангела Кели и дизајнерот Стјуарт Парвин.

Кралската колекција, која е задолжена за изложбата, објаснува дека силуетата била „омекната за да се даде посовремен, поедноставен облик“. Кратки ракави од тројна органза беа додадени и везени со мали дијаманти за да одговара на оригиналниот дизајн на везовина Хартнел. Секоја промена направена во фустанот е реверзибилна.

На изложбата ќе  бидат прикажани и венчалните чевли на Беатрис на „Валентино“ и копија од нејзиниот невестински букет.

Кралицата Елизабета првпат ја облече тоалетата со тафта на државна вечера во Британската амбасада во Рим за време на државна посета во 1961 година. Нејзиното височество повторно го носеше на премиерата во Лондон на филмот „Лоренс од Арабија“ во 1962 година и за Државното отворање на парламентот во 1966 гоина .

Изложбата ќе трае од 24 септември до 22 ноември и билетите мора да бидат однапред резервирани онлајн.