„Велт ам Сонтаг“: Трамп сака да им ја одземе лиценцата на Германците за вакцина против Ковид-19

Меѓу Германија и САД се појави спор околу вакцината против корона вирус, на која работи германска компанија, а американскиот претседател Доналд Трамп сака да ја откупи ексклузивната лиценца за САД, пишува весникот „Велт ам Сонтаг“.

„Американскиот претседател се обидува германските научници, кои работат на вакцината против корона  вирус, за огромна сума на пари да ги донесе во САД или да обезбеди ексклузивни права на вакцината, објави весникот, повикувајќи се на извори во германското Министерство за здравство.

Според неименуван претставник на сојузното Министерство за здравство во Берлин, „Трамп со сета сила се обидува да ја обезбеди вакцината за САД, но само за САД“.

Истиот извор објаснува дека германската Влада „е заинтересирана таа вакцина против Ковид-19 да се развива и во Германија и во Европа“.

Германската компанија „КјурВек“ (CureVac) на почетокот на март објави на својата интернет страница дека извршниот директор на компанијата се сретнал во Вашингтон со американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседателот Мајк Пенс, како и со претставници на фармацевтски компании собрани во работна група за борба против ширењето на корона вирусот.

Како што претставникот на германското Министерство изјавил за „Велт ам Сонтаг“, Германија сега се обидува да го спречи Вашингтон да добие од германската компанија ексклузивно право на вакцината.

„Германската Влада е во интензивни преговори со компанијата ‘КјурВек, наведува владиниот претставник.

Компанијата „КјурВек“ одбива да ги коментира медиумските наводи, но познато е дека забрзано се работи на новата вакцина, која би можела да биде готова до почетокот на летото.