Вело Марковски: Карантинот само ја развлекува кризата


Дали за два месеци настанува имунитет, а вирусот и поради климата ќе се повлече, дали мерките во Македонија се престроги, каква врска има лажичката за причестување со 5Г технологијата, беше тема за разговор во емисијата „Стадион“ на  Радио Канал 77 со докторите Вело Марковски и Владимир Аврамовски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, професорот, Марјан Ѓуровски и Владиката Пимен.

Професорот Марковски истакна дека наскоро не треба да се надеваме на вакцина и дека респираторите се потребни, но првин што подолго треба да му се даде шанса на организмот да се избори сам. Во Кина на пример многу помалку умирале пациенти што не биле на респиратор со иста и слична тешка клиничка слика .

Тој смета и оти заштитна маска треба да носи човек што има некаква тегоба. Инаку, маската можела да направи само штета.

– Паниката што ја создаваме, масовната психоза и хистерија многу ми пречат. Затворањето на училиштата и забраната за масовни собири се доволни за да немаме голем удар на здравствениот систем. Тие мерки треба да останат уште извесно време, а карантнинот, изолацијата, само ја развлекуваат кривата. Ако за два месеца требаше да го поминеме пикот, сега ќе ни требаат можеби пет-шест месеци. Освен тоа, во многу лоша состојба ги ставивме луѓето над 67 години, иако тие не се единствената ризична група. Ним им треба сонце, движење. Вака може да се заштитат од Ковид-19, но се под сериозна закана од други болести – вели Марковски.

Професорот на штипскиот универзитет објаснува дека никој не спори дека има умрени луѓе, но прашањето е како да си помогнеме подобро, да менуваме пристап и стратегија. Во јавноста се присустни многу нестручни луѓе за овие видови на болести. Не е ова политичка дебата или дуел.

– Податоците од Италија не се релевантни. Италијански професор тврди дека само 2 посто од прикажаните смртни случаи всушност починале од корона. Во Америка се двои короната од другите болести, се двои и пневмонијата. Тоа е научен пристап. И во Македонија лажат бројките за смртност кои секако се многу помали во однос на вкупниот број на инфицирани – рече Марковски.

Марковски вели дека освен од Кина сега имаме поголеми искуства од Америка, Германија според кои најверојатно пикот на вирусот трае околу 2 месеци и ќе настане тој колективен имунитет или вирусот природно ќе се повлече поради климатските услови.

Неговиот колега, пак, гастроентеропатологот Аврамовски рече дека уште кога пандемијата пламнала во Кина бил свесен за сериозноста и опасноста на тој вирус. Нагласи и оти е важно да се внимава за да не дојдеме во ситуација, во каква што дојдоа некои развиени европски земји, целокупниот здравствен систем да се блокира и крахира.

Максим Димитриевски – вториот градоначалник позитивен на коронавирус, се лути што премногу внимание и наслови се посветува на некаква си внатресдсмовска битка и се бега од суштината, како поефикасно да ги заштитиме граѓаните од ова зло.
– Куманово требаше да се затвори како Дебар уште кога имавме три позитивни случаи. Ако во Дебар се вклучи целата државна машинерија – Дирекцијата за заштита и спасување, армијата, полицијата, сите државни институции и ресурси, зошто тоа не се случи и во Куманово – рече Димитриевски, кој деновите со вирусот ги поминува во домашна изолација засега без изразени симптоми и температура.

Митрополитот Европски, Пимен вели дека се создаде фама за лажичката како за 5Г технологијата.

– Едно од главните прашања е причестувањето. Како да се изведе тоа кога околу нас царува заразата. Верниците се причестуваат, но држат растојание. И ние како свештенство сме затекнати. Не е наше да речеме – никој ништо не ни може. Нема сведоштво дека пиењето од иста чаша или иста лажичка некого заразило. Ќе го задржиме традиционалното, но се држиме и до протоколот за не повеќе од петмина верници на едно место и држењето растојание меѓу нив – објаснува отец Пимен .

Владиката Пимен повика верниците да ги почитуваат мерките и да се помолат што побрзо животот да се врати во нормала.