Вело Марковски, човекот од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека корона вирусот не е опасна болест


Познатиот инфектолог, проф. Вело Марковски, денеска изјави оти Ковид-19 „не е опасна вирусна инфекција, реалната бројка што умреле од ковид е 100 до 200 илјади луѓе во светов. Не е опасна болест. Ние не сме во паника, во хаос сме, науката не се почитува“.

Марковски, кој и на почетокот на епидемијата имаше контроверзни мислења околу новиот корона вирус, во гостувањето во „Студио 10“ на Телевизија 24 изнесе неколку ставови кои не само што ја поткопуваат борбата на здравствените власти против короната, туку и фактите што ги предочи се целосно неточни.

Тој изјави дека „не се работи за опасна вирусна инфекција, реалната бројка што умреле од Ковид-19 е 100 до 200 илјади луѓе во светов“, а вистината е сосема поинаква. Само во САД до денеска починаа 224.000 лица, во Бразил 153.000, во Индија 115.000 – во цела Европа бројката помина 250.000, а во целиот свет има 1,1 милион жртви.

Потоа, тој тврдеше дека Македонија можеби требало да го избере шведскиот модел за справување со инфекцијата, погрешно тврдејќи дека „Шведска денес брои нула заболени од Ковид-19“. Марковски или не ги чита вестите од Шведска или ако ги чита не се интересира многу за податоците што се објавуваат.

До 18 октомври Шведска има една од најависките стапки на починати во светот – 58,6 на 100.000 жители. Во Шведска денес нема „нула заболени“, како што тврди професорот Марковски, туку бројот на новите инфекции од септември и октомври дневно е зголемен за фантастични 173 отсто, а посебно има драматичен пораст во големите градови како Сткохолм и Упсала. Според податоците, од 4 до 17 октомври има 8.917 нови случаи. И дека шведската влада најави дека ќе воведува карантини на локално ниво за да го спречи ширењето на вирусот, што е драматичен пресврт во досегашната политика за „мек пристап“. А Марковски тврди дека корона вирусот не е карантинска болест и не може да се лечи со карантини. Бројката на вкупно заболени во Шведска изнесува 103.000, а починаа 5.900 лица.

Професорот Марковски, чие ненадејно вклучување во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше објавено како чин за научна борба против корона кризата, исто така тврдеше дека серолошките тестови биле подобри од ПЦР тестовите, затоа што биле поефикасни. „Тие тестови кажуваат дека вирусот влегол во организмот, се заштитил. ПЦР тестовите не кажуваат дека вирусот влегол во организмот“. Според него сето тоа е прашање за продажба на производите на големите фармацевтски компании. Оние земји што бараат тестови од странците кои влегуваат кај нив признаваат само ПЦР тестови не постари од 48 или 72 часа. (Н.В.)