Велковски: Предизвиците со кои се соочува современото семејство се комплексни и бараат холистички пристап


 Предизвиците со кои се соочува современото семејство се комплексни и бараат холистички приста, истакнал заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во своето обраќање на Меѓународната конференција на тема: „Предизвиците на современите семејства “, организирана од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет, кој годинава го одбележува својот 10-годишен јубилеј.

Во своето обраќање, заменик министерот Велковски ја истакнал потребата од проактивен пристап во третманот на семејството. Тој посочил дека Владата покажува силна политичка волја за решавање на прашањата поврзани со семејството, демографијата и младите, особено во контекст на миграцијата, глобализацијата и социјалните промени.

Велковски нагласил дека економската нестабилност, зголемените животни трошоци и нестабилните услови на пазарот на трудот се само дел од предизвиците со кои се соочуваат современите семејства.

– Нашата задача како институции е да обезбедиме услови за економска поддршка, флексибилни работни услови и пристап до социјални права за родителите, дополни Велковски.

Во контекст на промените во традиционалната семејна структура, Велковски информирал дека Владата ја презеде одговорноста за изработка на нов закон за семејство, кој ќе ги рефлектира современите текови и ќе ги нагласи правата и обврските на двајцата родители во интерес на децата.

Во однос на дигитализацијата и нејзиното влијание врз семејната интеракција, Велковски рекол дека треба да се стремиме кон зачувување на традиционалните семејни вредности, кои се темел на нашето општество.

Осврнувајќи се и на менталното здравје, тој подвлекол дека стресот, депресијата и анксиозноста се сè почести, и дека институциите имаат обврска да обезбедат соодветна поддршка и пристап до стручна помош за семејствата.

-Предизвиците со кои се соочува современото семејство се комплексни и бараат холистички пристап. Со економско зајакнување на семејствата, засилена социјална превенција и проширување на услугите во заедницата, како и унапредување на компетенциите на стручните лица за психо-социјална поддршка, можеме да создадеме општество во кое секое семејство ќе има услови да напредува и да придонесе за здрава и просперитетна нација, заврши заменик министерот за социјална политика, демографија и млади.