Вељаноски, Ристоски и Јанакиески ослободени за 27 април, судијата им порача „да се засрамат“


 

Трајко Вељаноски, Спиро Ристоски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, кои беа гонети како организатори на упадот во Собранието на 27 април, од денеска се ослободени од кривично гонење. Судот донесе решение со кое амнестијата важи и а нив.

„Јавното обвинителство како подносител на обвинението, по укинувањето на решението од овој суд, имаше неколку неодредени произнесување до амнестијата, се додека на минатото рочиште не даде јасен предлог дека Трајко Вељаноски, Спиро Ристоски и Миле Јанакиески не треба да се амнестираат, бидејќи за нив важел законот. Лично и како совет, се уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот беше во никој случај организаторите да не се амнестираат. Но, во Законот за амнестија во одредбите, има сврзник според кој Јавното обвинителство и Апелација сметаат дека овие обвинети не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок“, рече судијата Илија Трпков.

Според него, имајќи го во предвид наведеното, произлегува дека осудените лица за настаните од 27 април сами се организирале, сами размислиле дека треба да влезат во Собранието, да кршат и да тепаат.

„На сите ни е јасно, а и на осудените лица во затворите – дека тоа не е така, дека некој ги организирал да влезат во Собранието. Инаку, тоа не можеше да се случи. Не може да се пробие полициски кордон на кошаркарски натпревар, а не во Собранието“, рече Трпков.

Според негова оценка не е патриотски да се упадне во Собранието.

„Некои овие осудени лица ги нарекуваа патриоти, ги тапкаа по рамо. Тие можеби се патриоти, но не може да каже дека патриотски постапиле. Тие што ги организирале и овие лица (осудениците), треба да се срамат. За тепање на народни претставници и кршење – не може да се каже дека се патриоти. Сигурно одлуката (за амнестија) ќе побуди различни емоции и чувства. За конкретните настани во Собранието, за кривичните дела кои се случија таму, наведнете ја главата и побарајте прошка од државата, како што обвинетите побараа“, додаде судијата Илија Трпков.

Додека говореше, на двата големи екрани во судницата беа прикажани снимки од упадот на толпата во законодавниот дом и случувањата во него.

„Одлучив да презентирам моменти од 27 април (2017 г.). Ова не е лепено, ниту сечено, ниту монтирано. Ова е неспорен факт и никој не може да каже дека не било така… Уривањето на Собранието е уривање на државата…Законите сепак ги прави законодавната власт. Притоа на целокупната македонска јавност јасно и очигледно ѝ е во кој правец се носат законите и како се толкуваат. На македонската јавност сосема ѝ е јасно на кого се помага со законите и во чија полза тие се толкуваат. Сигурно не се толкуваат во полза на оние осудени лица за настаните во Собранието кои се наоѓаат во македонските затвори… Да се кажува за некој дека е патриот, да влезе во сопствениот дом, да крши и да го тепа семејството е надвор од секаков разум. Таквото постапување не е патриотско.

Најголем дел од овие осудени лица сигурен сум дека ја сакаат Македонија, но во конкретниот случај тие не се патриоти, туку се лица кои од некого се искористени и изманипулирани за искривени политички цели… Немојте само да дозволите некој да се крие зад судски одлуки и повторно да ве манипулира. Тоа не носи добро на целокупната слика на државата. Македонската држава се сака со разум, со работа и со почитување на институциите“, додаде Трпков.

Судот ја донесе одлуката по доставеното мислење од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека за обвинетите треба да се примени Законот за амнестија од 2018 година, со кој што во друга постапка беа ослободени поранешните пратеници Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен, Владо Јовановски и Игор Дурловски.

Ова беше второ судење за предметот „Организатори на 27 април“. Првото судење заврши во јули 2021 година, кога поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски беше неправосилно осуден на шест години и шест месеци затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на по шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на шест години. Апелацискиот суд Скопје лани ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.