Великоруси, Белоруси и мали Руси-Украинци
Русија ја враќа својата историска полнота, го собира рускиот свет, рускиот народ заедно - во сета своја севкупност на Великоруси, Белоруси и мали Руси - Украинци, е главното мото на текстот што го објавуваат повеќе руски медиуми преку кој се образложува сегашната политика на Кремљ
Неколку руски медиуми под контрола на државната пропагандна машина во Русија објавија деновиве ист текст со кој се оправдува и објаснува воената агресија врз Украина и се велича храброста на Путин да го направи тоа што морало одамна – враќањето на Русија во својата „историска големина“. Русија ја враќа својата историска полнота, го собира рускиот свет, рускиот народ заедно – во сета своја севкупност на Великоруси, Белоруси и мали Руси – Украинци, е главното мото на текстот, во кој се тврди дека Путин победува, а Украина е вратена таму каде што и е место, како дел од Русија и од рускиот народ.
„Прв секогаш би бил комплексот на поделен народ, комплексот на национално понижување – кога руската куќа прво изгуби дел од својот темел (Киев), а потоа беше принудена да се помири со постоењето на две држави и, не еден, туку два народа“, стои во текстот на Пјотр Акопов, едно од првите прокремаљски пера, преку кој се гледа колку актуелниот политички врв во Москва нема контакт со реалноста. Ова е текстот објавен во „Спутник“:
* * *
Пред нашите очи се раѓа нов свет. Воената операција на Русија во Украина доведе до нова ера – и тоа во три димензии одеднаш. И, се разбира, во четвртата, внатрешно руска. Започнува нов период, и во идеологијата и во самиот модел на нашиот социо-економски систем.
Русија го враќа своето единство – надмината е трагедијата од 1991 година, оваа страшна катастрофа во нашата историја, нејзината неприродна дислокација. Да, по голема цена, да, преку трагичните настани на виртуелната граѓанска војна, затоа што сега браќата, разделени по припадност на руската и украинската армија, сè уште пукаат еден во друг. Но, повеќе нема да има Украина како анти-Русија. Русија ја враќа својата историска полнота, го собира рускиот свет, рускиот народ заедно – во сета своја севкупност на Великоруси, Белоруси и мали Руси. Ако го пропуштевме ова, ако дозволевме привремената поделба да завладее со векови, тогаш не само што ќе го предадевме споменот на нашите предци, туку и ќе бевме проколнати од нашите потомци затоа што дозволивме распаѓање на руската земја.
Владимир Путин, без трошка претерување, презеде историска одговорност со тоа што реши да не го остави решението на украинското прашање на идните генерации. На крајот на краиштата, потребата за негово решавање секогаш би останала главен проблем за Русија – од две клучни причини. Притоа, прашањето за националната безбедност, односно за создавање на анти-Русија од Украина и за истурената позиција на Западот да ни врши притисок, е само второ најважно меѓу нив.
Прв секогаш би бил комплексот на поделен народ, комплексот на национално понижување – кога руската куќа прво изгуби дел од својот темел (Киев), а потоа беше принудена да се помири со постоењето на две држави, и не еден, туку два народа. Односно, или да ја напуштат својата историја согласувајќи се со лудите верзии дека „само Украина е вистинската Русија“, или беспомошно да чкртаат со забите, сеќавајќи се на времињата кога „ја изгубивме Украина“. Враќањето на Украина, односно враќањето назад кон Русија, би било сè потешко со секоја деценија – поради дерусификацијата на Русите и поттикнувањето на руските мали Руси-Украинци против Русите, што добиваше на интензитет. Во случај на консолидација на целосната геополитичка и воена контрола на Западот над Украина, нејзиното враќање во Русија би станало целосно невозможно – таа ќе мора да се бори за тоа со Атлантскиот блок.
Сега овој проблем го нема – Украина се врати во Русија. Тоа не значи дека нејзината државност ќе биде ликвидирана, туку ќе биде реорганизирана, повторно воспоставена и вратена во својата природна состојба како дел од рускиот свет. Во кои граници, во каква форма ќе се консолидира сојузот со Русија (преку Евроазиската унија или сојузната држава Русија и Белорусија)? За тоа ќе се реши откако ќе се стави крај во историјата на Украина како антируска. Во секој случај, периодот на расколот на рускиот народ завршува.
И тука започнува втората димензија на претстојната нова ера – таа се однесува на односите на Русија со Западот. Не само Русија, туку рускиот свет, односно трите држави, Русија, Белорусија и Украина, ќе дејствуваат во геополитичка смисла како една целина. Овие односи сега влегоа во нова фаза – Западот го гледа враќањето на Русија во нејзините историски граници во Европа. И тој е гласно огорчен поради ова, иако во длабочините на душата мора да си признае дека поинаку не може да биде.
Дали некој во старите европски метрополи, Париз и Берлин, сериозно веруваше дека Москва ќе се откаже од Киев? Дека Русите засекогаш ќе бидат поделен народ? И тоа во исто време кога Европа се обединува, кога германската и француската елита се обидуваат да ја преземат контролата врз европската интеграција од англосаксонците и да состават обединета Европа? Заборавајќи дека обединувањето на Европа стана возможно само благодарение на обединувањето на Германија, кое се случи според добрата руска (иако не многу паметна) волја.
Да се пресликува тоа потоа и на руски територии, не е само врв на неблагодарност, туку и на геополитичка глупост. Западот како целина, а уште повеќе Европа, немаше сила да ја задржи Украина во својата сфера на влијание, а уште повеќе да ја земе Украина за себе. Да не го разберат ова можат само геополитички будали. Уште пред петнаесет години, по минхенскиот говор на Путин, дури и глувите можеа да слушнат – Русија се враќа.
Сега Западот се обидува да ја казни Русија поради тоа што се врати, што не ги оправда плановите да профитира на нејзина сметка, што не дозволи проширување на западниот простор на Исток. Сакајќи да нѐ казни, Западот мисли дека односите со него се од витално значење за нас. Но, тоа одамна не е така – светот се смени и тоа добро го разбираат не само Европејците, туку и англосаксонците кои владеат со Западот. Ниту еден западен притисок врз Русија нема да доведе до ништо. Загуби од конфронтацијата ќе има на двете страни, но Русија е подготвена за нив морално и геополитички. Но, за самиот Запад, зголемувањето на степенот на конфронтација носи огромни трошоци – а главните не се воопшто економски.
Европа, како дел од Западот, сака автономија. Германскиот проект за европска интеграција нема стратешка смисла додека ја одржува англосаксонската идеолошка, воена и геополитичка контрола врз Стариот свет. На Европа ѝ е потребна автономија и од друга причина – во случај државите да влезат во самоизолација (како резултат на растечките внатрешни конфликти и противречности) или да се фокусираат на регионот на Пацификот, каде што се движи геополитичкиот центар на гравитација.
Но, конфронтацијата со Русија, во која англосаксонците ја вовлекуваат Европа, ги лишува Европејците дури и од шансите за независност – да не зборуваме за фактот дека на ист начин Европа се обидува да наметне раскин со Кина. Ако сега атлантистите се среќни што „руската закана“ ќе го обедини западниот блок, тогаш во Берлин и Париз не можат да не разберат дека, откако ја изгубиле надежта за автономија, европскиот проект едноставно ќе пропадне на среден рок. Изградбата на нов светски поредок се забрзува, а неговите контури се сè појасно видливи преку распространетата покривка на англосаксонската глобализација. Мултиполарниот свет конечно стана реалност – операцијата во Украина не е способна да обедини никого освен Западот против Русија. Затоа што остатокот од светот многу добро гледа и разбира дека ова е конфликт меѓу Русија и Западот, ова е одговор на геополитичката експанзија на атлантистите, ова е враќање на Русија на нејзиниот историски простор и на нејзиното место во светот.
This is what they are doing now to Kharkiv – a city that they totally believed was part of the "Russian world". What will they do to the OTHERS?? pic.twitter.com/PXKVVG5snq
— Christo Grozev (@christogrozev) February 28, 2022
Кина и Индија, Латинска Америка и Африка, исламскиот свет и Југоисточна Азија – никој не верува дека Западот го води светскиот поредок, а уште помалку ги поставува правилата на игра. Русија не само што го предизвика Западот, туку покажа дека ерата на западната глобална доминација може да се смета за целосно и конечно завршена. Новиот свет ќе го градат сите цивилизации и центри на моќ, природно, заедно со Западот (обединет или не) – но не според неговите услови и не според неговите правила.