Велика Британија воведува телохранители за пратениците


 Британскиот парламент утринава соопшти дека пратениците за првпат во историјата ќе добијат телохранители, за што кабинетот на Риши Сунак одвои триесет и еден милион фунти.

Минатонеделната дебата за Газа во Долниот дом на Парламентот се претвори во хаос откако претседателот на Парламентот даде предност за амандманот на лабуристите, иако беше планирано да се дебатира за барањето на шкотските националисти (СНП) за итен прекин на огнот во Газа со осуда на Хамас.

Како што наведуваат британските медиуми, бројни се случаите на заплашување пратеници, кои, според мислењето на противниците на израелската воена интервенција во Газа, не направиле доволно за да се спротивстават.

Демонстрациите пред канцелариите на пратениците прераснаа во протести пред нивните домови.

Се додава дека на многумина им е потребна дополнителна безбедност за да се движат во земја во која пратениците традиционално се шетаат без телохранители.

Многумина зборуваат и за смртни закани, но никој не прецизира од кого доаѓаат тие закани.