Велика Британија воведе санкции за пет руски банки и тројца олигарси


Велика Британија денеска експресно воведе санкции за пет руски банки и три лица, соопшти премиерот Борис Џонсон.

Тој во говорот пред пратениците во Долниот дом на парламентот додаде дека ова е само првиот пакет санкции и оти тие ќе бидат проширени доколку ситуацијата ескалира.

Станува збор за банките „Росија“, „ИС Банка“, „Генерал банка“, „Промсвјазбанк“ и „Црноморска банка“, како и санкции против Генадиј Тимченко, Борис Ротенберг и Игор Ротенберг, што важат за многу богати Руси, блиски до претседателот Путин.

-Целиот имот што го поседуваат во Обединетото Кралство ќе биде замрзнат, а на засегнатите лица ќе им биде забрането да патуваат овде и ќе им забраниме на сите британски поединци и ентитети да имаат каква било работа со нив, рече Џонсон.

„Ова е првата транша, првиот бараж од она што сме подготвени да го направиме“, рече тој.

Кризата во Украина од синоќа го достигна својот пик, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша Указот за признавање на независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск, а потоа војската ја испрати во овие територии „за да се обезбеди мир“.