Велика Британија се задолжи рекордни 162 милијарди долари

Задолженоста на британската Влада порасна за рекордни 128 милијарди фунти (162 милијарди долари) во првите три месеци од финансиската 2020/21 година, заклучно со јуни, за време на најстрогите мерки за ограничување на движењето поради Ковид-19.

Тоа е повеќе од двојно од износот на задолжување во однос на истиот период минатата година. Повеќето економисти сметаат дека долгот на британската Влада во однос на бруто домашниот производ (БДП) оваа година ќе биде најголем од Втората светска војна.

Само во јуни 2020 година, со исклучок на задолженоста на државните банки, државата се задолжила 35,5 милијарди фунти, соопшти денеска Канцеларијата за национална статистика, што е за пет пати повеќе од претходната година.

Британскиот министер за финансии Риши Сунак минатата недела објави нов пакет мерки до 30 милијарди фунти, наменет делумно за да ги охрабри компаниите повторно да вработуваат луѓе кога во октомври ќе истече шемата за државни субвенции за плати за повеќе од девет милиони привремено отпуштени работници.

Долгот на британскиот јавен сектор, без банките во државна сопственост, остана малку под прагот на 100 проценти од БДП, за кој се чинеше дека ќе го надмине во мај, благодарение на ревидираните податоци за економскиот раст.

Јавниот долг на Велика Британија сега изнесува 1,98 билиони фунти, што претставува 99,6 отсто од БДП.

Ова е најголем удел на долг во БДП од 1960-тите, објави Заводот за статистика.

– На среден рок, ние мора и ќе ги вратиме нашите јавни финансии на одржливо ниво, рече денеска Санак.