Велика Британија регрутира 10.000 граѓани за тестирање вакцина за Ковид-19

 

Универзитетот Оксфорд и мултинационалната компанија „Астра Зенека“ ќе регрутираат 10.000 возрасни и деца во Британија за тестирање на експериментална вакцина за корона вирусот.

Институциите низ Биртанија почнаа со регрутирање 10.260 испитаници да утврдат како имунолошкиот систем реагира на вакцината и колку е таа сигурна, објави Универзитетот.

Истражувачите пред се бараат здравствени работници и припадници на други професионални гранки кои работат со луѓе, за да добијат јасен сигнал за успешноста на вакцината затоа што во тие сектори секојдневно се среќаваат со заразени.

Првата фаза на експериментот почна на 23 април, и низ неа поминаа повеќе илјади волонтери меѓу 18 и 55 години, а Оксфорд соопшти дека во втората и третата фаза ќе учествуваат луѓе постари од 56 како и деца од 5 до 12 години.

Но, успешноста на вакцината ќе биде позната дури по два до шест месеци.

„Астра Зенека“ веќе договори масовно производство на вакцината со Велика Британија и со САД, ако таа се покаже делотворна.

Во четвртокот беше објавено дека компанијата добила прилог од милијарда долари за развој на вакцината од САД, со што таа земја си обезбеди 300 милиони вакцини за своите граѓани.

Американското министерство за здравство прецизира дека ќе исплати 1,2 милијарди долари по пат на приватно-јавно партнерство за развој на најмалку 300 милиони дози со први испораки во октомври 2020 година.

СЗО на 15 мај објави дека на луѓе во моментот се тестираат осум вакцини.