Велика Британија размислува да ja признае палестинската држава


Велика Британија ќе го разгледа признавањето на палестинската држава како дел од заедничките напори за постигнување „неповратно“ мировно решение, изјави шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон, пренесува Гардијан.

Тој посочи дека на Палестинците треба да им се даде политички хоризонт за промовирање на мирот на Блискиот Исток. Камерон ја започна својата четврта посета на регионот откако беше назначен за министер за надворешни работи во ноември минатата година.

„Лондон има одговорност да определи како би изгледала палестинската држава. На палестинскиот народ ќе треба да му се покаже „неповратен напредок“ кон решение со две држави“, рече тој на приемот во Вестминстер.

„Ние, со сојузниците, ќе го разгледаме прашањето за признавање на палестинската држава, вклучително и во ОН“, додаде Камерон пред конзервативниот Блискоисточен совет.Тој, исто така, го повика Израел да дозволи поголема хуманитарна помош во Газа и рече дека е „смешно“ што виталната британска и друга помош се враќа назад на границата.

Камерон рече дека последните 30 години биле приказна за неуспехот на Израел, бидејќи не успеал да обезбеди безбедност на своите граѓани.

„Само со признавање на тој неуспех ќе има мир и напредок“, смета Камерон.

Обединетото Кралство долго го поддржуваше решението за две држави, каде Израелците и Палестинците би можеле да живеат во одделни земји. Камерон наведува дека Велика Британија би можела да и даде формално, дипломатско признавање на палестинската држава, не како дел од конечниот мировен договор, туку порано, за време на самите преговори.