Велика Британија планира извидувачки летови над Израел и Газа за да ги лоцира заложниците
Лондон– Обединетото Кралство планира извидувачки летови над Израел и Појасот Газа со цел да ги лоцира луѓето кои се заложници на палестинското исламистичко движење Хамас, соопшти британското Министерство за одбрана.
„По терористичките напади на 7 октомври 2023 година против Израел, британската влада работи со партнерите од целиот регион за да обезбеди ослободување на луѓето кои беа земени како заложници, меѓу кои има и британски државјани“, се наведува во соопштението.
Од Министерството додаваат дека „безбедноста на британските граѓани е апсолутен приоритет“.
„За да помогне на операциите за спасување заложници, британското Министерство за одбрана ќе изврши извидувачки летови над источниот Медитеран, вклучително и во воздушниот простор на Израел и Газа. Авионите кои ќе ги извршуваат овие мисии нема да бидат вооружени и нема да извршуваат борбени мисии“, се наведува во соопштението.