Велика Британија санкционира 30 лица од 11 земји, меѓу нив Србија и Косово
Велика Британија објави санкции против 30 лица ширум светот, вклучително и руски и ирански официјални лица. Казнените мерки се насочени кон луѓето кои ги смета за одговорни за акти на тортура, сексуално насилство и насилно задушување на уличните протести, објави Ројтерс.
Овој потег уследи еден ден откако Франција ги објави плановите за нови санкции на Европската унија против Иран поради кршење на човековите права во нејзиното задушување на граѓанските немири таму, како и испораката на беспилотни летала во Русија пред инвазијата на Москва на Украина.
Британската влада соопшти дека нејзините санкции биле координирани со меѓународните партнери за да го одбележат Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Светскиот ден на човековите права. Тие покриваат луѓе вклучени во активности кои вклучуваат мачење затвореници и мобилизирање војници за силување цивили.
„Денес нашите санкции одат подалеку за да ги разоткријат оние кои стојат зад грозоморните прекршувања на нашите најфундаментални права“, рече министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли во изјавата.
Меѓу санкционираните е и рускиот полковник Рамил Рахматулович Ибатулин за неговата улога како командант на 90-та тенковска дивизија, која учествуваше во борбите по руската инвазија на Украина претходно оваа година.
Владата соопшти дека има бројни обвинувања против активни членови на 90-та тенковска дивизија, вклучително и осуда во Украина за висок поручник под обвинение за сексуална злоупотреба за време на конфликтот.
Велика Британија, исто така, санкционираше 10 ирански службеници поврзани со затворските системи во земјата. Меѓу нив има шест лица поврзани со револуционерните судови, кои се одговорни за гонење на демонстрантите со казни вклучувајќи и смртна казна.
Националните протести што избија по смртта при полициското приведување на 22-годишниот ирански Курд Махса Амини на 16 септември претставуваат еден од најголемите предизвици за Исламската Република од нејзиното формирање во 1979 година. Британската влада ги санкционираше Али Чехармахали и Голамреза Зијаи, поранешни директори на затворот Евин во Техеран, за кој вели дека е познат по малтретирањето и на иранските и на странските затвореници.
Форин Офисот објави дека санкциите против 11 земји под седум режими на санкции се најголемиот број што Обединетото Кралство некогаш го вовело во еден пакет. Велика Британија, исто така, санкционираше личности вклучени во војската на Мјанмар, за која рече дека биле вклучени во извршување на масакри, тортура и силување. Меѓу другите санкционирани се:
– Андреј Тишенин, припадник на руската Федерална служба за безбедност на Крим и Артур Шамбазов, висок детектив во Автономната Република Крим. Двајцата го мачеа Украинецот Олександр Костенко во 2015 година.
– Рускиот судски службеник Валентин Опарин и Олег Ткаченко, шеф на обвинителството во Ростовската област. И двајцата ги потиснаа поплаките за тортура, а Ткаченко користеше тортура за да извлече сведочење.
– Слободан Тешиќ, познат трговец со оружје со седиште во Србија, обвинет за поткуп на јавен обвинител на друга земја.
– Илан Шор, претседател на партијата Шор во Молдавија и наводно вмешан во скандал со банкарска измама во Молдавија во 2014 година.
– Владимир Плахотниуч, бизнисмен и поранешен политичар, бегалец од молдавската правда, вмешан во корупција на молдавските државни институции.
– Милан Радојчиќ, градежен бизнисмен и потпретседател на партијата Српска листа. Радојчиќ профитираше од злоупотребата на владините договори и го искористи своето влијание за доделување профитабилни договори на сопствените градежни компании.
– Звонко Веселиновиќ, бизнисмен од градежната индустрија во Косово, со јавни набавки проневери државни средства.