Велика Британија и Франција ќе работат на свој мировен план за Украина


Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија и Франција ќе работат со Киев на заеднички мировен план кој ќе биде презентиран на Вашингтон, со цел да се стави крај на војната во Украина.

Стармер рече дека по разговорите со Володимир Зеленски и Емануел Макрон е постигнат договор Велика Британија, заедно со Франција и „можеби уште една или две други земји”, да работат со Киев за да се запре војната. Овој мировен план ќе биде презентиран на САД.

„Мислам дека сме чекор во вистинската насока”, изјави Стармер за „Би-Би-Си“.

Стармер вели дека верува дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да види траен мир во Украина, и покрај неговата реторика и однос кон Зеленски.

„Сите се согласуваат со тоа, освен Путин,” вели Стармер.

Под „траен мир”, Стармер подразбира „американска поддршка”, заедно со „гаранции за безбедност” обезбедени од европските земји и „силна Украина” вооружена со одбранбени капацитети за да се спротивстави на руската инвазија.

Гаранцијата за безбедност од Американците е предмет на „интензивна” дискусија, додаде Стармер.

Стармер вели дека не му верува на Владимир Путин, велејќи дека рускиот претседател би „дошол повторно” ако му се даде шанса. Оттука и критичната потреба за „гаранции за безбедност”, вели британскиот премиер.

Стармер, од друга страна, вели дека му верува на Володимир Зеленски и Доналд Трамп. Беше прашан во интервјуто за „Би-Би-Си“ дали Зеленски „сторил нешто погрешно”, а Стармер рече дека не, додавајќи дека украинскиот претседател храбро ја служи својата земја како воен лидер од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.