Велика Британија без јавна церемонија одбележува една година од смртта на кралицата Елизабета Втора


Велика Британија денеска со приватни почести без јавна церемонија ќе ја одбележи првата годишнина од смртта на кралицата Елизабета Втора, која владееше 70 години, а чиј престол го наследи нејзиниот син, Чарлс Трети.

Кралицата Елизабета Втора (96) почина на 8 септември 2022 година во нејзиниот замок Балморал во Шкотска, каде традиционално летуваше.

Потоа започна период на национална жалост во кој стотици илјади Британци чекаа со часови да и оддадат последна почит на кралицата и да се поклонат пред нејзиниот ковчег. Една година подоцна, ниту еден голем јавен настан не беше планиран за комеморација.

– Со голема наклонетост се сеќаваме на нејзиниот долг живот, нејзината посветена служба и сето она што таа значеше за многумина од нас. Исто така, длабоко сум благодарен за љубовта и поддршката што ни ја покажувате на мојата сопруга и мене оваа година, бидејќи правиме сè што можеме за да ви служиме на сите вас, истакна кралот Чарлс Трети во снимена порака.

Според неодамнешната анкета, Кралот Чарлс е помалку популарен од неговата мајка односно 59 отсто од Британците веруваат дека кралот добро си ја врши работата, додека 17 отсто го мислат спротивното.