Велешката општа болница има доволно сместувачки капацитет за пациентитe со Ковид-19


Од велешката ЈЗУ Општа болница за МИА потврдуваат дека во моментов во болницата има доволно сместувачки кревети за прием на сите пациенти со Ковид-19 на кои им е потребно болничко лекување. Како што информира портпаролот д-р Весна Неделковска Николова, освен на Инфективно одделение кое е засебна зграда, од изминатиот викенд пациенти се примаат и на Одделението за физикална медицина, а таму од 24 кревети пополнети се 11.

– Примаме пациенти на кои им е неопходно болничко лекување, освен Инфективното одделение со 54 кревети, каде сега има 51 пациент позитивен на ковид. Дополнително изминатиот викенд како Ковид центар го преадаптиравме и  Одделението за физикална медицина. Исто како и Инфективно, е засебна зграда од болницата каде што може да се сместат уште 24 пациенти, а таму моментално се сместени 11. Сега засега имаме доволно сместувачки капацитет за прием на болни со Ковид, во велешката Општа болница информира д-р Неделковска Николова.

Таа воедно информира дека дел од пациентите кои веќе го завршиле лекувањето, а истовремено имаат потреба од болничко лекување ги превземаат и на Интерно одделение во Б кракот кој има 15 легла.

Таму една недела претходно беше сместувачко одделение на поголем дел од пациентите сомнителни на Ковид и мал број на заболени.

Таа појаснува дека поради немање на кревети на државната Инфективна клиника во Скопје дел од потешките пациенти, а кои сами ќе се снајдат се префрлаат на понатамошно лекување во  Приватни клиники во Скопје, а дел остануваат и понатаму на лекување во велешката Општа болница.

Во велешката Општа болница на дветте одделенија Инфективно и Одделение за физикална медицина моментално има 63 пациенти од кои 9 се сомнителни и 54 потврдени. Од нив 20 се на кислородна поддршка.

Според вчерашниот извештај од Министерството за здравство во Велес и велешко активни на Ковид  до вчера биле 672 пациенти, а  од кои најголем дел се на домашно лекување.