Велешаните не излегувале од дома, а се заразиле од корона вирус
Драстичното зголемување на заболени од грип годинава и случајот на мајката и синот од Велес кои починале пред повеќе недели го отвораат прашањето дали коронавирусот во земјата бил присутен подолго одошто досега се мислеше.
Соседите на починатите велат дека не ги виделе мајката и синот неколку месеци.
Според велешани, кои го познавале семејството, станувало збор за болна старица, слепа и со повеќе други здравствени проблеми, која дури и не излегувала надвор од станот. Нејзиниот син имал психички проблеми.
-Ниту излегуваа надвор, ниту пак некој им доаѓаше дома. Од каде го добила вирусот жената, навистина не ни е јасно – коментираат велешани.
Раскажуваат дека лани избувнал пожар во нивниот дом, а трагите од пламените останале на нивниот балкон, бидејќи луѓето поради здравствената состојба, не биле способни да ги санираат штетите. Соседите три месеци ги немале видено мајката и синот.
Според нив, поштарот два или три пати се враќал со пензијата, бидејќи никој не му ја отворал вратата. Познато е дека имале роднини во друг град, но ниту тие не дошле да ги посетат долг период. Низ зградата започнала да се шири неподнослива миризба, по што соседите повикале полиција, која ги пронашла распаднатите тела.
Некои претпоставки одат дотаму што времето на смртта на двајцата го сместуваат во јануари годинава. Таквата можност не ја исклучува ни Филипче.
„Кај едно од лицата од Велес најден е вирусот во примерок од дишното стебло. Тешко е да се каже причината за смртта, но во насока на тоа што значајно е зголемена бројката на заболени од грип годинава, не е исклучена можноста вирусот и порано да бил присутен, особено поради асимптоматските носители на вирусот“, изјави Филипче.
„Бројките на пациенти со сезонски грип до минатата година, и гледано повеќе години наназад, биле околу 20 илјади, а оваа година се 37 илјади“, вели Филипче.
Првиот заразен со коронавирус беше откриен на 26 февруари. Се работеше за македонска државјанка која се врати болна од Италија- епицентарот на коронавирусот во Европа. Таа во меѓувреме се излечи и беше отпуштена од болница, но остана генералниот став дека првичните кластери на болеста во земјава се формираа од повратници од странство. с
Сепак, наскоро нема да дознаеме дали Ковид-19 бил присутен во земјава и пред првиот официјално откриен случај. Примероците на заболените од сезонски грип се чуваат во Институтот за јавно здравје, но тие ќе бидат анализирани откако ќе се намали бројот на новозаразени со коронавирус.