Велес по 20 години доби кино: Проекција на новиот филм „Стела“ за сефте


Салата која инаку има капацитет за 240 гледачи, согласно протоколите за работа на кината, ќе може да прими 80 гледачи.

Филмот се прикажа во два термина, од 17 и 19:30 часот, во чест на претстојниот празник 11 Октомври. По втората проекција, получасовен настап имаше групата „Љубојна“ со музиката од филмот.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцески на својот Фејсбук профил изрази задоволство од како што вели „прекрасната и незаборавна вечер“.

Последната претстава во старото кино „11 Октомври“ беше во март 2005. Од април 2013, по добивањето на дигитален кинопроектор, филмови, пред сѐ, македонски, се прикажуваа во Велешкиот театар. Откако во 2018 проекторот се расипа, во Велес престанаа да се прикажуваат филмови, освен неколкуте проекции летоска преку киното со автомобили.

Проектот беше приоритет во работата на градоначалникот и општината од областа на културата во 2020 година и еден од најзначајните во изминатите децении, кој Велес ќе го вброи во водечките културни центри во државата.