„Веќе не можеме да се потпираме на САД“: заедничка изјава на мнозинството во Европарламентот

На изјавата се потпишаа ЕПП, Социјалистите и демократите, Обнови ја Европа и Зелените


 

Постапките на Доналд Трамп околу Украина предизвикуваат поделби и меѓу политичките групации во ЕУ. Синоќа, лидерите на централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП), Социјалистите и демократите, либералната Обнови ја Европа и Зелените потпишаа заедничка изјава во која се вели дека Европа „веќе не може целосно да се потпира на Соединетите држави за да ги брани нашите заеднички вредности и интереси“, како и повикување на нагло зголемување на напорите за зајакнување на одбраната.

Во изјавата е наведено: „Ние продолжуваме да стоиме заедно со народот на Украина и ја поддржуваме целосната независност, суверенитет и територијалниот интегритет во рамките ма меѓународно признаените граници. Не може да има преговори за Украина, а притоа на масата да не бидат Украина и Европската унија“.

Ова е мнозинството зад кое стои претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Оваа заедничка изјава дека „веќе не можеме да се потпираме на САД“ има капацитет да внесе поделби и во најголемата политичка групација во Европа – ЕПП. Во неа членува ВМРО-ДПМНЕ, како и партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, СНС, кои се големи поклоници на Трамп.

Меѓу потписниците на ова соопштение ја нема десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), чии членови ги вклучуваат полската партија Право и правда и Браќата на Италија на премиерката Џорџа мелони. ЕЦР редовно им се придружуваше на тие групи во про-украинските изјави во минатото, но портпаролот на групата рече: „Не бевме целосно задоволни од формулацијата на проценката за САД во текстот… Сега е време за смирен, одмерен дијалог и фокус на прагматични решенија“.