Веганска храна за Ванеса Меј: Славната виолинистка доаѓа со миленичето во Охрид


Скромни се барањата на славната британска виолинистка Ванеса Меј (41) пред нејзиниот настап на отворањето на „Охридско лето“ на 12 јули.

„Навистина немаше специјални барања, какви што би можеле да се очекуваат од една ѕвезда од нејзин калибар. Таа е веганка и нормално е дека ќе ѝ обезбедиме соодветни оброци. Исто така, Ванеса Меј најави дека ќе дојде со свое милениче, па организаторите ќе бидат подготвени и за него. За разлика од рајдер-листите на некои светски уметници, кои се долги и повеќе од 50 страници, нејзините барања беа сосема очекувани и нормални“, вели Наташа Поповиќ, директорката на „Охридско лето“, која за 59. издание најави врвни уметници и квалитетна програма без импровизации.

Ванеса Меј е многу е среќна што доаѓа во Охрид бидејќи, како што кажа таа самата, „Охридско лето“ е фестивал за кој прочитала многу. Исто така, се радува што ќе настапи во Античкиот театар кој не е значаен само за градот туку е афирмиран и пошироко на Балканот.

Ванеса доаѓа со десетина луѓе, колку што брои нејзиниот бенд од Англија. На сцената, исто така ќе настапат музичарите од Македонската филхармонија и солисти од Националната опера и балет, под диригентската палка на диригентот од Бугарија, Иван Кожухаров.

Пред две години настапи во Скопје, во ВИП-арената, со концерт поддржан од Министерството за култура.

– Немаме детали околу програма која таа ќе ја исполни и нека остане изненадување, но таа е испратена до оркестрите. Ванеса Меј секогаш во текот на настапот менува виолини, класичната и електричната… во зависност од програмата. Таа е голем музичар и шоумен, кој прави извонредни концерти, па така ќе биде и овој пат. За билетите за отворањето постои навистина голем интерес, но се надеваме дека сите оние што ќе сакаат да го проследат настанот ќе ја добијат таа можност – вели Поповиќ.

Mej има продадено албуми во милионски тиражи и е меѓу најбогатите виолинистки на светот. Како чудо од дете, на само 4 години, ја има освоено класичната музичка сцена. Под вистинското презиме Ванакорн има настапувано за скијачката репрезентација на Тајланд на Зимските олимписки игри во 2014 година во Сочи, Русија.

Родена е во Сингапур. Откако е посвоена од татко Англичанец, на 4 години се сели во Лондон, а на осум години веќе студира на Националниот конзерваториум во Пекинг. Студиите ги продолжува на Кралскиот конзерваториум во Лондон. На 13 години е најмладата солистка која на виолина ги свирела Бетовен и Чајковски. Од 2014 година е во врска со францускиот експерт за вино Лајонел Кателан.

Годинава фестивалот кој ќе трае до 20 август организира неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена: од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји. Притоа, тој како посебни уметнички доживувања се посочени концертите на рускиот виолончелист Денис Шаповалов, албанската сопранистка Инва Мула, која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, пијано-дуото Гелебешеви, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот „Дорицо“ од Италија, гудачкиот квартет „Асасело“ од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск, Русија. Уште дел од музичката програма се и словенечките уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек, албанската флејтистка Јонела Големи, руската пијанистка Виолета Егорова од Русија, како и нејзиниот колега и сонародник, Александер Гаџиев…

Како посебен музички настан е најавен и роденденскиот концерт на „Охридско лето“ на 4 август со виртуозите на гитара, уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.

Драмскиот дел на „Охридско лето“ оваа година содржи осум претстави што, како што во видеопораката пред медиумите појасни селекторот Александар Поповски, би сакал да бидат посветени на починатиот режисер Горан Стефановски посочувајќи го како „човекот кој е заслужен за генерации и генерации театарски уметници“.

– За Горан Стефановски „Охридско лето“ беше нешто посебно и мислам дека треба да најдеме начин, и сè уште барам вистински начин, како да му се оддолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас – рече Поповски.

На „Охридско лето“ оваа година разновидна драмска програма, со претстави од Словенија, Хрватска, секако претстави од Македонија, од Казахстан од Турција, од Португалија и од Србија.

– Отворањето на драмската програма ќе биде со претставата „Самрак на Боговите“ според оној филм на Висконти, кои сите добро го познаваме. Доаѓа Словенечкото народно гледалишче „Драма Марибор“, претстава што веќе гостува на неколку фестивали и која на фестивалот во Ниш ги освои сите награди. Затворањето е со Народниот театар од Белград, со претставата „Иванов“ од Антон Павлович Чехов каде што ќе можеме да го видиме во главна улога нашиот Никола Ристановски – рече Поповски.

„Охридско лето“ од оваа година како новина воведува и туристички водич за уметниците, односно промоција на националното културното наследство преку презентација на историските знаменитости на градот пред уметниците – учесници на Фестивалот.

Фестивалот „Охридско лето“ од страна на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) неодамна беше вброен меѓу трите најдобри музичко-сценски манифестации на европската културна сцена. Охрид следната година кога фестивалот „Охридско лето“ слави јубилеј – 60 години постоење, ќе биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА, што според управата на „Охридско лето“ е признание за досегашната работа, но и обврска за Фестивалот секоја следна година, секој следен чекор, да се издигнува скалило погоре, како по однос на квалитетот на самата програма така и во организацискиот сегмент.

Л. Сабит