Вечниот фашизам

Ур-фашизмот е сè уште околу нас, понекогаш во цивилна облека. Ур-фашизмот секогаш може да се врати, во многу неформална маска. Наша должност е да го разоткриеме и да покажуваме со прст кон секоја нова форма што ќе ја преземе - секој ден, на сите страни на светот


Кога освоив награда на натпреварот Ludi Juveniles во 1942 година (отворен конкурс задолжителен за млади италијански фашисти – односно за сите млади Италијанци), имав десет години. Со реторичка виртуозност се осврнав на темата: „Дали треба да гинеме за славата на Мусолини и бесмртната судбина на Италија?“ Мојот одговор беше потврден. Бев бистро момче.

Потоа во 1943 година го открив значењето на зборот „слобода“. Таа приказна ќе ја раскажам на крајот од оваа презентација. Во тој момент „слободата“ сè уште не значеше „ослободување“.

Две години од моето детство поминав опкружен со есесовци, фашисти и партизани, кои пукаа еден во друг, па научив како да избегнувам куршуми. Тоа не беше лоша вежба.

Во април 1945 година, партизаните го окупираа Милано. Два дена потоа пристигнаа во моето гратче. Тоа беше вистинска радост. Главниот плоштад беше преполн со луѓе кои пееја и вееја знамиња, поздравувајќи го Мимо, локалниот партизански водач. Мимо, поранешен командант на карабинерите, им се придружил на следбениците на Бадољо и ја изгубил ногата во една од првите битки. Излезе на балконот на општината, потпрен на патерици, блед: со едната рака се обидуваше да ја замолчи толпата. Стоев и го чекав неговиот говор, бидејќи целото мое детство беше обележано со големите историски говори на Мусолини, чии најважни делови моравме да ги напамет на училиште. Молк. Мимо зборуваше со рапав глас, едвај го слушнавме. Тој рече: „Граѓани, пријатели. После толку болни жртви… еве сме. Слава им на оние кои загинаа за слобода.“ И тоа беше сѐ. Се врати внатре. Толпата викаше, партизаните го кренаа оружјето и возбудено пукаа во воздух. Ние децата побрзавме да земеме чаури, скапоцени предмети за нашите колекции, но научив нешто во таа прилика: дека слободата на говорот значи ослободување од реториката.

По неколку дена ги видов првите американски војници. Тие беа американски црнци. Првиот Јенки што го сретнав беше црнец, Џозеф, кој ме воведе во магичниот свет на Дик Трејси и Ли’л Абнер. Неговите стрипови беа во боја и мирисаа убаво.

Еден од офицерите (мајор или капетан Мади) се всели во вилата што му припаѓаше на семејството на двајца мои школски другари. Се чувствував како дома во таа градина каде што неколку дами се собраа околу капетанот Мади, зборувајќи нешто како француски. Капетанот Мади беше образован и зборуваше малку француски. И така, мојата прва слика за американските ослободители, по толку многу бледи лица во црни кошули, беше онаа на образован црнец во жолто-зелена униформа кој вели: „Oui, merci beaucoup Madame, moi aussi j’aime le champagne... „За жал, шампањско немаше, но првата гума за џвакање ја добив од капетан Мади и не престанав да џвакам цел ден. Преку ноќ ја ставам гумата за џвакање во чаша вода, за да не се стврдне до утрото.

Во мај дознавме дека војната е завршена. Мирот предизвика чудно чувство во мене. Ми рекоа дека постојаната воена состојба е нормална за еден млад Италијанец. Во следните месеци открив дека Движењето на отпорот не е само локален, туку и европски феномен. Научив нови, возбудливи зборови како „resau“, „maquis“, „armée secrète“, „Rote Kapelle“, „варшавско гето“. Ги видов првите фотографии од холокаустот и така го разбрав значењето на зборот уште пред да го научам. Сфатив од што сме ослободени.

Денес во Италија има такви кои се прашуваат дали Движењето на отпорот навистина имало воено влијание врз текот на војната. Ова прашање е безначајно за мојата генерација: веднаш го разбравме моралното и психолошкото значење на Движењето на отпорот. Знаејќи дека ние, Европејците, не го дочекавме ослободувањето со скрстени раце беше доволна причина да се гордееме. Мислам дека дури и за младите Американци кои го дадоа својот данок за нашата слобода, не беше безначајно да се знае дека некаде во позадина Европејците веќе си го отплаќаа долгот.

Денес во Италија има такви кои велат дека митот за Движењето на отпорот е обична комунистичка лага. Вистина е дека комунистите го користеа Движењето на отпорот како своја лична сопственост, со оглед на тоа што тие одиграа голема улога во тоа; но се сеќавам и на партизани кои носеа марамчиња во други бои.

Залепен до радиото, ги поминував ноќите – со затворени прозорци и целосна темнина претворајќи го просторот околу апаратот во осамен светлечки круг – слушајќи ги пораките што Радио Лондон им ги испраќаше на партизаните. Тие беа и криптични и поетски во исто време („Сонцето сѐ уште изгрева“, „Розите ќе процветаат“) и главно беа „пораки за г-ѓа Франки“. Некој ми шепна дека Франки е водач на една од најсилните илегални групи во северна Италија. Франки стана мојот херој. Франки (чие вистинско име беше Едгардо Соњо) беше монархист, толку цврсто антикомунист што по војната се приклучи на екстремно десничарските групи и беше обвинет за соработка во реакционерен државен удар. Но, каква врска има тоа? До денес, Соњо остана сон на моето детство. Ослободувањето беше заеднички потфат на луѓе од различни политички бои.

Денес во Италија има такви кои велат дека ослободителната војна беше трагичен период на раздор и дека сега ни треба национално помирување. Сеќавањето на тие страшни злосторства треба да се потисне. Но, репресијата предизвикува невроза. Ако помирувањето значи сочувство и почит кон сите оние кои добронамерно ја водеа својата војна, простувањето не значи заборав. Дури можам да признаам дека Ајхман искрено веруваше во својата мисија, но не можам да кажам: „Во ред; врати се и направи го тоа повторно“. Овде сме денеска да се потсетиме што се случи и свечено да соопштиме дека „тие“ веќе не смеат тоа да го прават.

Но, кои се „тие“?

Ако се потсетиме на тоталитарните режими што владееја со Европа пред Втората светска војна, можеме со сигурност да кажеме дека би било тешко да се замисли тие да се вратат во иста форма во различни историски услови. Ако фашизмот на Мусолини се засноваше на идејата за харизматичен лидер, корпоративизмот, утопијата на „фаталната судбина на Рим“, империјалистичката желба за освојување нови територии, закоравениот национализам, идеалот на цела нација втерана во црни кошули, отфрлањето на парламентарната демократија, антисемитизмот, тогаш не ми е тешко да признаам дека Националниот сојуз произлезе од ИСП, неспорно десничарска партија, но дека нема многу сличности со стариот фашизмот. Од истите причини, иако сум загрижен за различните пронацистички движења кои дејствуваат во некои делови на Европа, вклучувајќи ја тука и Русија, не мислам дека нацизмот, во неговата оригинална форма, сепак не се подготвува да воскресне како движење што може да запали цела нација.

А сепак, и покрај фактот што политичките режими можат да се менуваат, а идеологиите можат да бидат критикувани и да бидат лишувани од легитимитет, зад еден режим и неговата идеологија секогаш постои одреден начин на размислување и чувства, цела низа обичаи и културно наследство, непроѕирен облак од магловити пориви и неразбирливи импулси. Дали, тогаш, постои уште едно сениште што ја прогонува Европа (да не зборуваме за другите делови на светот)?

Јонеско еднаш рече дека „само зборовите се важни додека сè друго е празен разговор“. Лингвистичките навики често се важни симптоми на неискажани чувства.

Дозволете ми, значи, да прашам зошто во целиот свет не само Движењето на отпорот, туку и целата Втора светска војна се дефинира како борба против фашизмот. Ако се вратите на романот на Хемингвеј „За кого бијат камбаните“, ќе откриете дека Роберт Џордан ги поистоветува своите непријатели со фашисти дури и кога мисли на шпанските фалангисти.

Со ваша дозвола, го цитирам Френклин Делано Рузвелт: „Победата на американскиот народ и неговите сојузници ќе биде победа во борбата против фашизмот и против ќор-сокакот на деспотизмот што тој го претставува“ (23 септември 1944 година).

Во времето на Мекарти, оние Американци кои учествуваа во Шпанската граѓанска војна ги нарекуваа „предвремени антифашисти“ – што значи дека борбата против Хитлер во 1940-тите беше морална обврска на секој чесен Американец, но предвремената борба против Франко во 1930-тите беше сомнителна. Зошто американските радикали го користеа терминот како „fascist pig/фашистичка свиња“ дури и кога мислеле на полицаец кој пишувал пријава за пушење трева? Зошто не велеа: „проклет Коголар“, „проклет фалангист“, „проклет усташ“, „проклет квислинг“, „проклет Анте Павелиќ“, „проклет нацист“?

Mein Kampf е комплетен манифест на политичка програма. Нацизмот имаше своја теорија за расизам и аријанство, многу прецизна идеја за entartete Kunst, „изопачена уметност“, неговата филозофија на желбата за моќ и Übermenscha / натчовек. Нацизмот беше неспорно антихристијански и неопагански, на ист начин како што Сталиновиот Дијамат (официјалната верзија на советскиот марксизам) беше непобитно материјалистички и атеистички. Ако тоталитаризмот значи режим кој секој индивидуален акт го потчинува на државата и нејзината идеологија, тогаш нацизмот и сталинизмот беа тоталитарни режими.

Фашизмот неспорно беше диктатура, но не беше целосно тоталитарен – не толку поради неговата умереност колку поради филозофската слабост на неговата идеологија. Спротивно на популарното верување, италијанскиот фашизам немаше своја филозофија. Статијата за фашизмот потпишана од Мусолини за енциклопедијата Трекани беше напишана или суштински инспирирана од Џовани Џентиле, но таа се занимаваше со доцниот хегелијански поим за „етичката и апсолутна држава“ која Мусолини никогаш целосно не ја реализираше. Мусолини немаше филозофија: само реторика. Почна како милитантен атеист, а потоа потпиша договор со црквата и се зближил со епископите кои ги благословува фашистичките знамиња. Во раните антиклерикални години, според една веродостојна легенда, тој еднаш го замолил Бога да го удри со гром на самото место за да го докаже своето постоење. Бог очигледно бил отсутен. Во следните години, Мусолини редовно го повикуваше Бога во своите говори, па дури и бараше да биде наречен „човек на Провидението“. Може да се каже дека италијанскиот фашизам беше првата десничарска диктатура која дојде на власт во една европска земја и дека подоцна сите поврзани движења најдоа еден вид заеднички архетип во режимот на Мусолини. Италијанскиот фашизам беше првиот што воспостави воена литургија, фолклор, па дури и начин на облекување – бидејќи постигна поголем успех во странство од Армани, Бенетон или Версаче.

Дури во триесеттите години се појавија фашистички движења во Англија – со Мозли, во Латвија, Естонија, Литванија, Полска, Унгарија, Романија, Бугарија, Грција, Југославија, Шпанија, Португалија, Норвешка, па дури и во Јужна Америка, да не зборуваме за Германија. Италијанскиот фашизам убеди многу либерални европски лидери дека новиот режим спроведува интересни социјални реформи кои би можеле да понудат умерено револуционерна алтернатива на Комунистичката партија.

Меѓутоа, ми се чини дека историското првенство не е доволна причина да се објасни зошто зборот „фашизам“ стана синегдоха, pars pro toto  име за разни тоталитарни режими. Не вреди да се каже дека фашизмот ги содржел сите елементи на идните тоталитаризми, така да се каже, „во состојба на квинтесенција“. Напротив, фашизмот не поседуваше никаква квинтесенција, ниту најобична суштина. Фашизмот беше нејасен тоталитаризам. Фашизмот не беше монолитна идеологија, туку колаж од различни политички и идеолошки идеи, кошница од противречности. Може ли воопшто да се замисли тоталитарно движење кое ќе успее да ги помири монархијата и револуцијата, кралската армија и личната милиција на Мусолини, привилегиите доделени на црквата и образованието во државните училишта кое го велича насилството, апсолутната контрола и слободниот пазар? Фашистичката партија се појави објавувајќи го својот нов револуционерен поредок, но беше финансирана од најконзервативните земјопоседници кои очекуваа контрареволуција. Фашизмот во своите почетоци беше републикански настроен и се одржа дваесет години изразувајќи ја својата лојалност кон кралското семејство, дозволувајќи му на еден „дуче“ да оди рака под рака со „кралот“ низ историјата, кому дури и ја понудил титулата „император“. Но, кога кралот го разреши Мусолини во 1943 година, партијата повторно се појави два месеци подоцна, со помош на Германците, под знамето на „социјалната“ република, враќајќи се на старата револуционерна партитура, овој пат збогатена со речиси јакобинска акцентација.

Имаше само една нацистичка архитектура, а една само нацистичка уметност. Ако нацистичкиот архитект беше Алберт Шпер, немаше место за Мис ван дер Рое. Исто така, во времето на Сталин, ако Ламарк беше во право, немаше место за Дарвин. Спротивно на тоа, немаше сомнеж дека имало фашистички архитекти, но покрај нивните квази-колосеуми, изникнаа нови згради инспирирани од модерниот рационализам на Гропиус.

Не постоеше Жданов фашист. Во Италија имаше две значајни уметнички награди: „ Premio Cremona“ која беше контролирана од необразован и фанатичен фашист како што е Фариначи, кој ја поттикнуваше пропагандистичката уметност (се сеќавам на сликите наречени „Слушање на говорот на Дуче на радио“ или „Душевни состојби кои ги создаваше фашизмот“), и „ Premio Bergamo“ под покровителство на еден образован и разумно толерантен фашист како што е Ботаи, кој ја поддржуваше уметноста заради уметноста и новите обиди за авангардна уметност кои беа забранети во Германија како корумпирани и крипто-комунистички, за разлика од Нибелуншкиот кич, кој беше единствениот дозволен.

Национален поет беше Д’Анунцио, кицош кој би бил испратен во стрелачкиот вод во Германија или Русија. Поради неговиот национализам и култот на херојството – со силни примеси на француската декаденција, тој беше издигнат во ранг на Голем бард на режимот.

Да го погледнеме футуризмот. Тој треба да биде пример за entartete Kunst, како што се експресионизмот, кубизмот, надреализмот. Но, првите италијански футуристи беа националисти, тие го поддржаа учеството на Италија во Првата светска војна од естетски причини, ја величеа брзината, насилството, опасноста и се чини дека овие аспекти беа некако блиски до фашистичкиот култ кај младите луѓе. Кога фашизмот се идентификуваше со Римската империја и повторно ја откри руралната традиција, Маринети (кој изјави дека автомобилот е поубав од Нике од Самотраке и дури сакаше да ја убие Месечината) беше назначен за член на Италијанската академија, која имаше голема почит кон Месечината.

Многу идни партизани и идни интелектуалци на Комунистичката партија беа воспитани од Г.У.Ф., фашистичко здружение на студенти, кое требаше да биде лулка на новата фашистичка култура. Тие клубови станаа еден вид интелектуален казан во кој зовриваа нови идеи без вистинска идеолошка контрола, не затоа што партиските луѓе беа толерантни, туку затоа што малкумина од нив ги поседуваа интелектуалните алатки неопходни за нивно контролирање.

Во овој период на фашистичко владеење во Италија, како реакција на раскошниот и наметлив стил на режимот, се појавија херметистите: на овие поети им беше дозволено да го изразат својот литературен протест зад ѕидовите на кулата од слонова коска. Херметистите беа нешто сосема спротивно од фашистичкиот култ на оптимизам и херојство. режимот го толерираше овој очигледен, иако општествено неприфатлив бунт, бидејќи не обрнуваше доволно внимание на таквиот мрачен и нејасен жаргон.

Се разбира, тоа не значи дека италијанскиот фашизам беше толерантен. Грамши беше ставен зад решетки каде што ја дочека својата смрт, Матеоти и браќата Росели беа убиени, слободниот печат беше задушен, синдикатите беа скршени, политичките дисиденти беа протерани на далечни острови, законодавниот дом стана обична фикција, а извршната власт (што го контролираше судството како и средствата за јавно информирање) веднаш донесе нови закони, меѓу кои беа и оние за заштита на расата (формална поддршка на Италија на холокаустот).

Разлиената слика што штотуку ја опишав не беше резултат на толеранција: тоа беше пример за политичка и идеолошка распаѓање. Но, тоа беше „уреден хаос“, шарена конфузија. Фашизмот беше филозофски лабав, но од емоционална гледна точка беше цврсто вграден во одредени архетипови.

Така стигнавме до втората точка од мојата теза. Имаше само еден нацизам, а хиперкатоличкиот фалангизам на Франко не можеме да го наречеме „нацизам“, бидејќи нацизмот во основа е пагански, политеистички и антихристијански, инаку не е нацизам. Спротивно на тоа, фашизмот може да се игра на различни начини, а името на играта да не се менува. Со поимот „фашизам“ се случува она што, според Витгенштајн, се случува со поимот „игри“. Играта може да биде натпреварувачка или не, може да ја интересира една или повеќе личност, може или не бара посебна вештина, може да понуди пари како награда, но и не мора. Игрите се цела низа различни активности кои покажуваат само неколку „семејни сличности“.

1      2     3     4

abc bcd cde def

Да претпоставиме дека има збир на политички групи. Групата 1 се карактеризира со аспекти abc, група 2 bcd и така натаму. Групата 2 е слична на групата 1 бидејќи имаат два заеднички аспекти. Групата 3 е слична на групата 2 и групата 4 на групата 3 од истите причини. Исто така, ќе забележиме дека групата 3 е слична на групата 1 (тие го делат аспектот c). Најинтересен случај е групата 4, секако слична на групите 3 и 2, но без ниту една заедничка карактеристика со групата 1. Сепак, и покрај континуираната серија на сè помали сличности меѓу групите 1 и 4, поради еден вид навидум транзитивност, се чини како да постои тесна врска помеѓу групите 4 и 1.

Терминот „фашизам“ е соодветен за сите ситуации бидејќи е можно да се отстранат еден или повеќе аспекти од фашистичкиот режим и сепак да се остане фашистички. Извадете го империјализмот од фашизмот и ќе ги добиете Франко и Салазар; тргнете го колонијализмот од него и ќе добиете балкански фашизам. Додај го на италијанскиот фашизам радикалниот антикапитализам (на чија магија Мусолини никогаш не потклекна), ќе го добиете Езра Паунд. Додадете го култот на келтската митологија и мистицизмот на Светиот Грал (целосно туѓ на официјалниот фашизам) и ќе го добиете еден од најпочитуваните фашистички гуруа, Јулиус Евола.

И покрај оваа конфузија, мислам дека е можно да се состави список на типични карактеристики на она што би сакал да го наречам „Ур-фашизам“ или „вечен фашизам“. Овие карактеристики не можат да се систематизираат: многу од нив се меѓусебно контрадикторни и карактеристични за некои други облици на деспотизам и фанатизам. Сепак, само еден од нив е сосема доволен за да се згусне фашистичката магла.

1. Првата карактеристика на Ур-фашизмот е култот на традицијата. Традиционализмот е постар од фашизмот. Тој не беше својствен само за католичката контрареволуционерна мисла по Француската револуција, туку се појави во доцната хеленистичка ера како реакција на класичниот грчки рационализам.

Во медитеранскиот басен, народите од различни религии (сите беа благонаклоно прифатени од римскиот Пантеон) почнаа да сонуваат за откровението примено во зората на човечката историја. Тоа откровение долго лежеше скриено под превезот на веќе заборавените јазици. Беше доверено на египетски хиероглифи, келтски руни, сè уште непознати свети текстови на азиските религии.

Таа нова култура мораше да биде синкретистичка. „Синкретизмот“ не е само, како што наведуваат речниците, спој на различни форми на верување или ритуал. Еден таков спој мора да толерира противречности. Сите изворни пораки содржат микроб на мудрост и кога се чини дека кажуваат нешто сосема друго или нешто што не одговара, тоа е само затоа што сите тие целат, алегорично, кон некоја првобитна вистина.

Следствено, овде не може да има напредок на знаењето. Вистината веќе еднаш засекогаш е објавена, а можеме само да продолжиме да ја толкуваме нејзината магличаста порака. Доволно е само да се фрли поглед на образовната програма на кое било фашистичко движење и ќе ги најдете главните традиционалистички мислители. Нацистичката гноза се хранеше со традиционалистички, синкретистички и окултни елементи. Најважниот теоретичар на новата италијанска десница, Јулиус Евола, го мешаше Гралот со Протоколите на сионските мудреци, алхемијата со Светото Римско Царство. Самиот факт што неодамна, во желба да покаже ментална отвореност, дел од италијанската десница ја прошири својата образовна програма со ставањето заедно на Де Местро, Генон и Грамши, е несомнен доказ за синкретизам.

Ако почнете да ги прелистувате полиците на американските библиотеки со ознака „ New Age“, дури ќе наидете на Свети Августин кој, колку што ми е познато, не бил фашист. Но, самиот факт што Свети Августин и Стоунхенџ стојат на иста полица е симптом на Ур-фашизам.

2. Традиционализмот подразбира отфрлање на модернизмот. Фашистите и нацистите подеднакво ја обожуваа технологијата, додека традиционалистичките мислители обично ја отфрлаа технологијата како негирање на традиционалните духовни вредности. А сепак, иако нацизмот се гордееше со своите индустриски достигнувања, неговите пофалби за модерното беа само површински вид на една идеологија заснована на „крв“ и „почва“ (Blut und Boden). Отфрлањето на современиот свет беше замаскирано како осуда на капиталистичкиот начин на живот, но главно се однесуваше на отфрлањето на духот од 1789 година (или, очигледно, 1776 година). Просветителството, ерата на Разумот, се смета за почеток на модерната изопаченост. Во оваа смисла, Ур-фашизмот може да се дефинира како „ирационализам“.

3. Ирационализмот зависи и од култот на акција заради акција. Акцијата е убава сама по себе и затоа треба да се спроведува брзо и без размислување. Размислувањето е еден облик на кастрација. Затоа, културата е сомнителна до степен до кој се поистоветува со критички ставови. Од изјавата што му се припишува на Гебелс („Кога слушам дека се разговара за културата, потегнувам пиштол“) до честата употреба на изрази како „проклети интелектуалци“, „јајцеглави “, „радикални снобови“, „универзитетите како легла на комунистите“, сомнежот спрема светот на интелектуалците секогаш беше симптом на Ур-фашизмот. Официјалните интелектуалци на фашизмот најмногу беа преокупирани со обвинувањата што ги упатуваа против модерната култура и либералната интелигенција поради напуштањето на традиционалните вредности.

4. Ниту еден облик на синкретизам не е способен да прифати критика. Критичкиот дух создава разлики, а разликите се знак на модерното време. Во современата култура, научната заедница смета дека несогласувањето за некои прашања е инструмент за развој и ширење на знаењето. За Ур-фашизмот, несогласувањето е предавство.

5. Несогласувањето е исто така знак на различност. Ур-фашизмот расте и бара потврда преку искористување и засилување на природниот страв од различното. Првата стрела која ја упатува едно фашистичко или преурането фашистичко движење е стрела што повикува против натрапниците. Затоа, Ур-фашизмот е расистички по дефиниција.

6. Ур-фашизмот потекнува од индивидуална или социјална фрустрација. Ова објаснува зошто една од типичните карактеристики на историските облици на фашизам беше повикот упатен до фрустрираните средни класи, депресивни од некаква економска криза или политичко понижување, плашејќи се од притисокот од пониските општествени слоеви. Во нашето време, во кое старите „пролетери“ стануваат ситна буржоазија (а лумпен-пролетаријатот сам се исклучува од политичката сцена), фашизмот ќе ја најде својата публика во ова ново мнозинство.

7. На оние кои немаат никаков социјален идентитет, Ур-фашизмот им вели дека единствената предност им е онаа најраспространетата: тие се родени во иста земја. Тоа е потеклото на „национализмот“. Освен тоа, само непријателите можат да ѝ дадат идентитет на една нација. И така, во коренот на психологијата на Ур-фашизмот лежи опсесијата со заговор, по можност меѓународен. Следбениците треба да се чувствуваат како да се под опсада. Повикувањето на ксенофобија е најлесниот начин да се создаде атмосфера на заговор. Но, заплетот треба да се исткае и одвнатре: Евреите обично се најдобрата цел, бидејќи тие ја имаат предноста да бидат и внатре и надвор во исто време. Во Америка, најновиот пример за опсесија со заговор се наоѓа во книгата на Пат Робертсон „Новиот светски поредок“.

8. Поддржувачите треба да бидат понижени од наметливото богатство и моќ на непријателот. Кога бев мал, ме учеа дека Англичаните се „народ со пет оброци“: тие јадат почесто од Италијанците, кои се сиромашни, но умерени. Евреите се богати и си помагаат еден на друг благодарение на тајната мрежа на меѓусебна поддршка. Поддржувачите спак треба да бидат убедени дека можат да ги победат непријателите. И така, благодарение на постојаното поместување на реторичкиот регистар, непријателите се истовремено и премногу силни и премногу слаби. Секој фашизам е осуден да ги загуби своите војни, бидејќи конституционално е неспособен објективно да ја процени силата на непријателот.

9. За Ур-фашизмот нема борба за живот, туку попрво „живот за борба“. Затоа, пацифизмот е флертување со непријателот: пацифизмот не е добар затоа што животот е постојана војна. Ова, сепак, го носи со себе арамедонскиот комплекс: бидејќи непријателите мора и можат да бидат поразени, ќе мора да има последна битка, по која движењето ќе добие контрола над светот. Ваквото конечно решение подразбира дека ќе следи период на мир, златното доба, што е во спротивност со принципот на постојана војна. Ниту еден фашистички лидер никогаш не успеал да ја реши оваа противречност.

10. Елитизмот е типичен аспект на секоја реакционерна идеологија, бидејќи е фундаментално аристократски. Низ историјата, сите аристократски и милитаристички елитизми имплицираа презир кон слабите. Ур-фашизмот не може а да не проповеда „народен елитизам“. Секој граѓанин припаѓа на најдобриот народ на светот, партиските членови се најдобри граѓани, секој граѓанин може (или треба) да стане член на партијата. Но, патрициите не можат да постојат без плебсот. Водачот, кој многу добро знае дека својата моќ не ја добил со авторитет, туку ја зграпчил со сила, знае и дека неговата моќ се заснова на слабоста на масите, кои се толку слаби што им треба „господар“ и затоа тие го заслужуваат. Бидејќи групата е организирана хиерархиски (според воениот модел), секој подреден лидер ги презира своите подредени, а сите тие ги презираат оние што им се подредени. Сето ова го засилува чувството на масовен елитизам.

11. Во таа перспектива, секој учи да стане херој. Во сите митологии „херојот“ е исклучително суштество, но во идеологијата на Ур-фашизмот херојството претставува норма. Овој култ на херојството е тесно поврзан со култот на смртта: не случајно мотото на фалангистите беше: „ Viva la muerte!. На нормалните луѓе им се кажува дека смртта е непријатна, но соочувањето со неа треба да биде достоинствено; на верниците им се проповеда дека тоа е болен начин да се дојде до натприродна среќа. Сепак, херојот на Ур-фашизмот се стреми кон смртта, која доаѓа како најголема награда за херојскиот живот. Херојот на ур-фашизмот едвај чека да умре. Во својата нестрпливост, треба да се забележи, тој премногу често успева да убие други.

12. Бидејќи и вечната војна и херојството се многу тешки игри, Ур-фашистот ја пренесува својата волја за моќ на сексуални работи. Ова е потеклото на мачоизмот (што подразбира презир кон жените и нетолерантна осуда на неприфатливите сексуални навики, од целибатот до хомосексуалноста). Бидејќи сексот е исто така тешка игра, херојот на Ур-фашизмот си игра со оружје, а тоа се неговиот фалусни Ersatz: неговите воени игри се предизвикани од една постојана invidia penis.

13. Ур-фашизмот се заснова на „квалитативен популизам“. Во демократијата, граѓаните уживаат индивидуални права, но целото граѓанство има политичко влијание само од квантитативна гледна точка (одлуките на мнозинството се почитуваат). За Ур-фашизмот, поединците како такви немаат права, а „народот“ е замислен како квалитет, монолитен ентитет кој изразува „заедничка волја“. Бидејќи ниту еден квантитет на човечки суштества не може да има заедничка волја, водачот претендира да биде нивен толкувач. Граѓаните, откако ја загубија моќта на овластување, не дејствуваат, туку само се повикани pars pro totoда ја играат улогата на народот. И така народот е само театарска илузија. За добар пример на квантитативниот популизам повеќе не ни требаат Плоштадот Венеција или Нирнбершкиот стадион. На хоризонтот на нашата иднина се појавува телевизискиот или интернет-квалитативниот популизам, каде емотивниот одговор на избрана група граѓани може да се прикаже и прифати како „гласот на народот“. Поради својот квалитативен популизам, Ур-фашизмот мора да се спротивстави на „гнилите“ парламентарни влади. Една од првите реченици што Мусолини ги изговори во италијанскиот парламент беше: „Можев да ја претворам оваа глува и мрачна сала во привремен логор за моите чети“. Всушност, тој веднаш најде подобро сместување за своите чети, но многу брзо потоа го распушти парламентот. Секој пат кога некој политичар ја доведува во прашање легитимноста на парламентот бидејќи тој повеќе не го претставува „гласот на народот“, можеме да намирисаме Ур-фашизам.

14. Ур-фашизмот зборува со „новоговор“. „Новоговорот“ беше измислен од Орвел во неговата „1984“, како официјален јазик на англискиот социјализам, но елементите на Ур-фашизмот се заеднички за различни форми на диктатура. Сите нацистички или фашистички училишни текстови беа засновани на сиромашна лексика и елемнтарна синтакса за да се ограничат алатките за сложено и критичко размислување. Како и да е, мора да бидеме подготвени да препознаеме други форми на новоговор, дури и кога тоа има неопасна форма на популарно ток-шоу.

И, откако ги посочив можните архетипови на Ур-фашизмот, дозволете ми да завршам. Утрото на 27 јули 1943 година ми беше кажано дека, според вестите на радиото, паднал фашизмот и дека Мусолини е уапсен. Мајка ми ме испрати да купам весник. Отидов до најблискиот киоск и видов дека имаат весници, но со различни имиња. Исто така, откако ги погледнав насловите, сфатив дека секој весник кажува различни работи. Купив еден, по случаен избор, и ја прочитав пораката објавена на насловната страница, а која беше потпишана од пет-шест политички партии како Христијанска демократија, Комунистичка партија, Социјалистичка партија, Партија за акција, Либерална партија. До тој момент верував дека во секоја земја има само една партија, а во Италија постои само Фашистичката национална партија. Тогаш открив дека во мојата земја можат да постојат различни партии во исто време. И не само тоа: бидејќи бев бистро момче, веднаш ми беше јасно дека толку многу партии не можат да никнат преку ноќ. Разбрав дека веќе постоеле како илегални организации.

Во пораката се славеше крајот на диктатурата и враќањето на слободата: слобода на говорот, печатот, политичкото здружување. За прв пат во мојот живот – Господи! – ги читав тие зборови: „слобода“, „диктатура“. Благодарение на тие нови зборови, повторно се родив како слободен човек на Западот.

Мораме да внимаваме да не го заборавиме значењето на тие зборови. Ур-фашизмот е сè уште околу нас, понекогаш во цивилна облека. Би било премногу едноставно, за сите нас, ако некој се појави на светската сцена и рече: „Сакам повторно да го отворам Аушвиц, сакам црните кошули повторно да продефилираат низ италијанските плоштади“. Но, животот не е толку едноставен! Ур-фашизмот секогаш може да се врати, во многу неформална маска. Наша должност е да го разоткриеме и да покажуваме со прст кон секоја нова форма што ќе ја преземе – секој ден, на сите страни на светот. Уште еднаш му го препуштам зборот на Рузвелт: „Се осмелувам да кажам дека ако американската демократија престане да се развива како жива сила, која секојдневно се обидува да ги подобри условите за живот на нашите граѓани со мирни средства, силите на фашизмот ќе зајакнат во нашата земја“  (4 ноември 1938 г.) Слободата и ослободувањето се бесконечна задача. Нашето мото нека биде:

„Не заборавајте“.

 

И дозволете ми да завршам со една песна од Франко Фортини:

На оградата на мостот

Главите на обесените

Во водата на изворот

Плунката на обесените

На тротоарот на пазарот

Ноктите на стреланите

На сувата трева на полињата

Забите на стреланите

Да се гризе воздухот да се гризат камењата

Нашето месо повеќе не е човечко

Да се гризе воздухот да се гризат камењата

Нашето срце повеќе не е човечко.

Но, видовме во очите на мртвите

и ние ќе создадеме слобода на земјата

но тупаниците на мртвите се стегнаа

правда која ќе биде задоволена.

(Умберто Еко, 1932 – 2016, беше италијански медијавелист, филозоф, семиотичар, романсиер, културен критичар и политички и социјален коментатор. Текстот Ur-Fascism првобитно е објавен на 22.6.1995 во The New York Review of Books.)