Вечерва нов напад во Лавов, а погоден е резервоар за нафта


Вечерва се случи уште еден напад во Лавов, град во западна Украина, а еден од индустриските капацитети гори, по гранатирањето.

Градоначалникот Андриј Садовиј на Твитер објави дека бил погоден резервоарот со нафта.
„Станбената инфраструктура не е засегната. Сите служби за итни случаи се на таа локација. „Ве молиме, останете во засолништата пред да се изгаснат сирените во воздухот“, додаде тој.

Сепак, иако станбените згради не се оштетени, има оштетувања на јавни згради, наведува Ројтерс.

Претходно, две ракети го погодија Лавов, а во нападот беа повредени пет лица, изјави регионалниот гувернер Максим Козицкиј.

Нападот се случи откако локалните власти им рекоа на жителите да бараат засолниште по силните експлозии на периферијата на градот.

„Извршени се два ракетни напади врз Лавов“, наведе Козицки во соопштението на интернет.
Тој претходно изјави дека источниот периферен дел на Лавов бил погоден од три силни експлозии.

Очевидци изјавија за Ројтерс дека виделе црн чад како се издига на небото во североисточниот дел на градот.