Вечерва Лозано и Таско во Кисела Вода, утре Војаж и 2Бона


Општина Кисела Вода најави богатата викенд-програма во рамки на овогодишното „Културно лето“.

– Вечерва претстои голем музички настан во паркот пред салата „Расадник“, неделното претпладне е резервирано за најмладите преку манифестацијата „Семеен ден“, а викендот ќе биде заокружен со уште една голема забава утревечер. Програмата вечерва започнува во 20 часот во паркот пред сaлата „Расадник“, каде загревањето на атмосферата е доверено на ДЈ Марио Трампет и ДЈ Доријан, по што следува настапот на популарниот Влатко Миладиновски. Во продолжение, пред публиката ќе се претстави една од најголемите поп ѕвезди кај нас, Лозано, додека музичката програма ќе ја заокружи еден од најактуелните артисти на новата урбана сцена, Таско – информираа денеска од локалната самоуправа.

Манифестацијата „Семеен ден“ предвидено е да почне утре во 10 часот во паркот „Македонија“.

– Настанот нуди богата интерактивна содржина наменета за децата и нивните семејства. Предвидени се настапи на учесниците од првиот детски фестивал „Киселко“, танцувачкото училиште „Данса Латина Стефи“, како и на дечињата од општинските јавни детски градинки. Општина Кисела Вода има подготвено и низа дополнителни содржини што гарантираат забава за сите деца, вклучувајќи замок на надувување, фото-кабина, креативни работилници, како и дружење со аниматори и омилените маскоти – пишува во соопштението.

Вечерната забава утревечер е закажана повторно во паркот „Расадник“.

– Со почеток во 20 часот, музичката програма ќе ја отворат локални млади бендови, по нив ДЈ Марио Трампет и ДЈ Доријан, по што за одличната атмосфера ќе се погрижат и популарното дуо 2Бона и балканската музичка ѕвезда Војаж – соопштија од Општина Кисела Вода.