Вечерва ќе бидат познати првите полуфиналисти во ЛШ, Ајакс и Јунајтед во (не)возможни мисии против Јуве и Барса


Барселона има предност од 1:0 од „Олд Трафорд“, импресивна серија од 30 меча без пораз на домашен терен во европските настапи и „брутална“ гол-разлика од 93:15. Јувентус, пак, е домаќин на Ајакс. Двата меча почнуваат во 21 часот.

Фудбалерите на Манчестер јунајтед се соочуваат со тешка задача во четвртфиналниот реванш во Лигата на шампиони (ЛШ) против Барселона. Каталонскиот тим има гол предност од првиот меч на „Олд Трафорд“ (1:0), а освен тоа и „Камп Ноу“ е претворен во тврдина за противничките екипи во последно време што е дополнително бреме за „црвените ѓаволи“. Во вториот меч вечерва Јувентус е домаќин на Ајакс по нерешените 1:1 во Амстердам.

Шпанскиот и европски великан не знае за пораз пред своите навивачи во меѓунардоните настапи цели шест години. Последен пат капитулираше на први мај во 2013 година кога во срцето на Каталонија гостуваше Баерн Минхен кој под водство на Јуп Хејнкес славеше со 3:0 во реваншот од полуфиналето во ЛШ. Оттогаш, Барселона не дозволи ново понижување пред домашните навивачи.

Таа серија трае веќе 30 натпревари, па избраниците на Ернесто Валверде се надеваат дека ќе продолжи и денеска за пласман во полуфиналето во елитното европско клупско натпреварување. Особено брутално делува фактот дека дури 27 меча се завршени со триумф. Во меѓувреме на „Камп Ноу“ се извлекоа единствено Атлетико Мадрид (1:1, 2014 година), Јувентус (0:0, 2017 година) и Тотенхем (1:1, 2018 година). И гол разликата на Каталонците во тој период е подеднакво импресивна и гласи 93 постигнати гола и само 15 примени.

Како главен протагонист е Лионел Меси. Аргентинецот во овој период одиграл 26 европски натпревари со ефект од 31 погодок и 11 асистенции. Тој се гледа како клучна алка во домашната екипа за потврда на победата над Манчестер Ј. од минатата недела за прво полуфинале во ЛШ по 2015 година.

Во Барселона, сепак, не сакаат премногу да се залетуваат. Иако статистички имаат здрави основи за својот оптимизам, сè уште ги печат раната од ланското четврт-финале во кое по победата со 4:1 над Рома на домашен терен, загубија со 3:0 на „Олимпико“ и се збогуваа со ЛШ. Уште поголема опомена за нив е подвигот на Манчестер јунајтед против ПСЖ во осминафиналето оваа сезона во кое „црвените ѓаволи“ по поразот од 2:0 на домашен терен, успеаја да слават со 1:3.

Ернесто Валверде и Оле Гунар Солскјер ги одредија составите за вечерашната средба.

Барселона (4-3-3): Тер Штеген – Алба, Ленгле, Сержи Роберто, Пике – Ракитиќ, Бускетс, Артур – Кутињо, Суарез, Меси

Манчестер Јунајтед (4-3-3): Де Геа – Џоунс, Линделоф, Смолинг, Јанг – Мектоминај, Фред, Погба – Лингард, Рашфорд, Марсијал.

Од друга страна, Јувентус го пречекува Ајакс на реваншот во Торино. Домаќините имаат позитивен резултат по првиот меч во Амстердам кога одиграа 1:1, иако Ајакс, според општиот впечаток, беше подобар противник и имаше повеќе шанси отколку гостите од Торино.

Како и да е, Ајакс нема да се откаже и овојпат да направи чудо како и во осминафиналето кога и покрај поразот на првиот меч на домашен терен од Реал Мадрид, успеа да направи подвиг и со убедливи 4:1 го детронизираа „Кралот“ среде Мадрид. „Копјаниците“ растоварени влегуваат во овој натпревар бидејќи немаат што да загубат. Рака на срце, никој немаше да им замери дури и да беа елиминирани во групната фаза од ЛШ, а со пласманот во самото четвртфинале ги надминаа очекувањата и на најголемите оптимисти. Сега сакаат да направат уште еден чекор, да си обезбедат уште една незаборавна вечер, а по она што го видовме на првиот натпревар, имаат на што и да се надеваат.

Во Торино се свесни за предизвикот. Италијанците знаат да ги ценат вистинските величини. Ја почитуваат историјата. И без оглед на тоа што го патентираа „катеначото“, тие го обожаваат фудбалот, добриот фудбал, убавиот фудбал, фудбалот кој го игра Ајакс. Но, Јувентус знае се и важи за голем фаворит. Сепак, во првиот меч не покажа надмоќ. Масимилијано Алегри отворено рече дека Ајакс им оставил голем простор за противнапади, но не го искористиле. Јувентус беше премногу бавен во транзицијата и имаше премногу непрецизни додавања.

Но, тимот кој го има Роналдо во својот состав, не треба да стравува премногу. Португалецот постигна хет-трик и го елиминираше Атлетико Мадрид во осминафиналето. На првиот натпревар во Амстердам го постигна голот за водство, а повеќе од јасно е дека ќе биде мотивиран и вечерва да му помогне на својот тим да стигне до следната фаза.

Се е подготвено за спектакл, навивачите не прифаќаат ништо помалку од тоа. Барем не кога се соочуваат две вакви сили на теренот.

Јувентус (4-3-3): Шчесни – Алекс Сандро, Бонучи, Ругани, Де Шиљо – Матуиди, Пјаниќ, Емре Џан – Роналдо, Дибала, Бернардески.

Ајакс – (4-2-3-1): Онана – Велтман, Де Лихт, Блинд, Мазрауи – Шене, Де Јонг – Зијех, Ван ден Бек, Нерес – Тадиќ.