Вечерва гледајте го метеорскиот дожд Персеиди

Повторно е тоа време од годината: доаѓа метеорскиот дожд Персеиди! Секој август, обожаватели на вселената низ северната полутопка ја креваат главата нагоре за да ја видат оваа неверојатна претстава на ѕвезди што паѓаат и го осветлуваат ноќното небо. Оваа година, Персеидите ќе бидат највидливи во ноќта меѓу 11 и 12 август. Светлината од четврт месечината ќе ја намали јаркоста на метеорите; сепак, оваа година Персеидите можеби ќе имаат посебно значење.

Јасно е дека одамна немало година како 2020, пандемијата на Ковид-19 нарушувајќи го обичниот тек на животот низ светот. Сега дружината на темните неба – од обични набљудувачи до професионални астрономи – ја забележа лековитата моќ на темното небо. Ѕвезденото небо не заземјува, носи постојаност во нашите животи и не поврзува за време на изолација. А постои ли подобар начин да се поврзете со другите набљудувачи на ѕвездите отколку да им се придружите, каде и да сте, во еден од најсаканите небесни настани на годината? Еве што треба да знаете за метеорскиот дожд Персеиди за да го подобрите вашето набљудувачко искуство овој август:

Што е метеорски дожд?

Во една просечна ноќ можете да фатите како метеор пролетува преку темно небо на секои 15 минути. За време на метеорски дожд како Персеидите, виор од ѕвезди што паѓаат се појавува на секој час во најинтензивните периоди. Овие дождови се појавуваат кога Земјата се судира со облак од отпад од комети и астероиди. Во случајот на Персеидите, отпадот е од кометата Свифт-Татл.

Што е неверојатно е дека речиси сите вакви честички не се поголеми од зрно песок и влетуваат во атмосферата на нашата планета со брзина над 160000 километри на час! Метеорите горат во дел од секундата во горните слоеви на атмосферата, создавајќи линија од светлина која се гледа на небото.

Што се Персеидите?

Во текот на една календарска година има десетина метеорски дождови кои се одлична претстава за набљудувачите на небото, а Персеидите се едни од најголемите и најпознатите. Тие се активни од 17 јули до 24 август, а се најактивни во ноќта меѓу 11 и 12 август 2020, кога има наплив од метеори низ небото во текот на ноќта.

Обично, за време на интензивните ноќи, набљудувачите на метеори треба да бидат на штрек за неверојатни огнени топки кои го осветлуваат целото небо. Персеидите можат да произведат неколку светли, трепетливи и раскршени метеори, кои оставаат импресивни траги од чад по нив.

Како можам да ги гледам Персеидите?

Персеидите можат да произведат еден до два метеора во минута за одреден набљудувач под темно, рурално небо. Било какво светлосно загадување или месечева светлина значително го намалува бројот на видливи објекти. За небесната претстава во 2020, бидејќи месечината во последна четвртина изгрева околу 11 часот, најдобро е да се бараат метеори веднаш по стемнување и пред изгревот на месечината.

Метеорите изгледаат како да излегуваат од соѕвездието Персеј, по кое е наречен дождот, кое ова време во годината изгрева по полноќ на североисточното небо низ целата северна полутопка. Но се препорачува да се гледа кон североисток од почетокот на ноќта за да се фатат дури и заостанатите ѕвезди што паѓаат.

Не се потребни телескопи и двогледи – голото око е најдобро приспособено бидејќи може да го опфати целото небо, а метеорите можат да се појават секаде на небото.

А што со светлосното загадување?

Персеидите најдобро се гледаат од темно место далеку од градските светла и со непопречен поглед кон небото над нас. Ако живеете во привилегирана област со минимално светлосно загадување или акоимате пристап до локално место на меѓународно темно небо, Персеидите би требало да бидат одлична глетка.

Персеидите нема да бидат дотолку видливи во светлосно загадена област, но сеуште е можно да се ужива во искуството. Подобрете го вашето домашно набљудување ако можете, исклучувајќи ги надворешните светла и заложувајќи се вашиот сосед да го направи истото. Во вакви услови сеуште би можеле да забележите една или две ѕвезди што паѓаат на секои неколку минути.

Ако вашето небо не е доволно чисто, заради облаци или светлина, сепак можете да ги видите Персеидите од удобноста на вашиот дом, виртуелно преку преноси во живо.

Изобилства за небесно набљудување

А ако не сте задоволни само со Персеидите, не заборавајте да ја ѕирнете тројката светли планети, Марс, Јупитер и Сатурн, која владее со југоисточните неба во вечерните часови.

Запомнете, сите овие настани се случуваат на небесната позадина на лакот на Млечниот пат кој се протега преку небото над нас. Земете двоглед и ќе можете да патувате низ нашата куќна галаксија и нејзините многу ѕвезди со часови. Ова без сомнение значи дека оние кои планираат да поминат летна ноќ под ѕвездите ќе имаат возбудлива ноќ./Астрономија.мк