Вечерва без полициски час, од денес отворени фитнес центрите


Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција информираа за најновите мерки кои се однесуваат на ограничувањето на движењето на граѓаните, како и други мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести.
 
Со усвоените мерки, забраната за движење почнува од 24 часот и ќе трае до 4 часот наутро, почнувајќи од утре, 13 мај, со важност до 18 мај. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови денеска за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.
 
Со мерките, угостителските објекти ќе се затворат за гости од 23.30 часот, а во дозволеното работно време работат само отворените делови – терасите  од угостителските објекти.Исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот дел за исхрана во објектите за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти.
 
Од денеска престанува да важи мерката за забрана за посетители – гости во сите вежбалници, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, во затворен простор, како и во игротеките, но работата во овие објекти задолжително треба да се одвива според протоколите за работа.
 
Од денеска, се зголемува и бројот на згрижени деца во воспитните групи до две годишна возраст – најмногу до 15 деца, а во воспитните групи од 2 до 6 годишна возраст, најмногу до 20 деца.
 
Со одлука на Владата од денеска се дозволува користење на годишните одмори за здравствените работници, согласно планот на раководителот на институцијата, без да се наруши нормалното и тековното функционирање на системот на работа во здравствените установи.
 
Како дел од овие мерки е и одлуката, сите настани и други слични јавни активности (културни, научни и забавни) да продолжат да се одржуваат согласно наменските протоколи до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворените простори. Спортските настани и натаму се организираат без физичко присуство на публика.
 
Вчера, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за формирање на регионални центри за КОВИД-19 вакцинација за Струмица, Прилеп и Велес и го задолжи Министерството за здравство, во соработка со општините Струмица, Прилеп и Велес, да го координира спроведувањето на неопходните активности за формирање на регионални вакцинални пунктови за масовна вакцинација.За текот на вакцинацијата во нашата земја, беше речено дека масовната вакцинација одлично функционира, а тоа го покажуваат бројките на дневно ниво, кои достигнуваат до 15.000 дози аплицирани вакцини.
 
Активно се работи на изготвување листи за вакцинација на пациенти кои имале трансплантација и пациенти кои се на дијализа. Вакцинацијата во државата се одвива според Националниот план односно се вакцинираат возрасната категорија граѓани кај кои хроничните заболувања се најзастапени и во критичната инфраструктура се вакцинираат граѓани кои исто имаат хронични заболувања, а се работоспособни, така што во ниту еден момент не изостануваат да се вакцинираат граѓани кои имаат хронични болести. И меѓу граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk исто има граѓани со хронични заболувања кои се вакцинираат.
 
Во врска со донесениот Закон за легализација на дивоградбите изгласан во Собранието, на новинарско прашање, беше одговорено дека се погрешни тезите дека „сè и сешто ќе се легализира“. За да се легализира, на пример во заштитено подрачје, треба согласност да се добие од надлежен орган, министерство или друга институција, ако не го загрозуваат тоа подрачје. Така што невозможно да се легализира секој објект во тие делови.

Законот е усогласен и со опозицијата, при што неколку амандмани се прифатени и инкорпорирани во него. Со законот, информираа портпаролите, го спречуваме урбаното дивеење со тоа што  ја зголемуваме цената за легализација за плус 50 проценти од редовните комуналии со што се одвраќаат сите оние од намерата да градат нелегално..