Вечер на тоалети и смокинзи: Виенски бал на 14 март во Скопје


На 14 март, во хотелот „Александар палас“  традиционално, по 21-ви пат, ќе се одржи Виенскиот Бал во Скопје, под покровителство на амбасадата на Република Австрија во нашата земја, а во организација на Здружението за културна соработка Јохан Штраус. Единствена вечер каде доаѓа до израз вашата елеганција со задолжителните вечерни тоалети и смокинзи. Вечер кога гостите го живеат стилот на Виена – со захер торта, шампањско и виенска шницла и танцуваат валцер на музиката на Штраус. Кој не умее да игра валцер, има шанса да заигра на звуците на светски евергрини и македонски хит рефрени.

По традиција, на Виенскиот бал се меша народот со елита, и не се канат политичари. Исклучок беше ланскиот бал, за чиј 20-ти јубилеј беа поканети премиерот Зоран Заев и неговата сопруга Зорица.

Виенскиот бал во Скопје, кој од 2017 година е ставен и на светската мапа на виенски балови, и оваа година ќе има хуманитарна димензија. Дел од средствата од продадените  билети ќе одат за СОС Детско село.

Вера Мештеровиќ лани во улога на водителка

Во уметничката програма ќе настапат врвни уметници: Оркестарот „Јохан Штраус“ ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Ќе настапат првенците на Балетот од  Националната опера и балет Саша Ефтимова и Балаж Локсен (Унгарија),  танчери на Танцовиот клуб Прима Данца, Тумбао Салса Бенд,  Арт Бенд и вокалните солисти:  Драган Бобиќ – Дексо,  Калина Велковска  и  Паула Ц. (САД).

Марјана Станојковска лани на Виенскиот бал во Скопје

Водител на манифестацијата и годинава како и лани е манекенката и ексмис на Македонија Вера Мештеровиќ.