Вчера доставени сите учебници до учениците, но сагата продолжува


Фото: Независен весник

По најавите дека најдоцна до почетокот на октомври учениците ќе ги добијат учебниците, министерот за образование Јетон Шаќири вели дека заклучно до вчера доставени се сите учебници.

– Учебниците во Градот Скопје, според информациите, сите се завршени, и во другите делови на градот, за шетсто одделение, како постапка, и доставата на учебници се заврши. Во текот на овие денови, вчера се заврши, а добивам информации дека во одредени училишта се доставуваат заради неколку временски периоди кога стигнува доставата. Кажавме до крајот на септември, почетокот на октомври, но навистина заради некои технички проблеми, стигнавме да ги доставиме во овој период. Не стигнавме целосно во тој период, но ме радува фактот што доставата заврши – рече Шаќири.

Министерот е на мислење дека кога стигнуваат навремено програмите, се стигнува навремено и со учебниците.

– Факт се учебниците за трето одделение. Исто така, и со задоцнување на програмата од шесто одделение, стигнаа и учебниците од шесто одделение, но за одредени учебници требаше многу да се работи на графичко – техничка регулација, исто имавме за еден учебник при крај, авторите побараа некој дел да се коригира. Тие беа технички проблеми – вели Шаќири.

Апелира, за следната година, кога треба да се воведе новата програма за седмо одделение, материјалите да пристигнат до ноември, за да се стигне со нивна подготовка до почетокот на следната учебна година.

Следната година не очекува проблеми со економскиот оператор затоа што договорот е двегодишен и со печатење може да се почне навреме.

Во однос на учебникот по историја и општество за петто одделение, како и тој за шесто одделение, министерот вели дека формирана е авторска комисија, а од универзитетите бараат да назначат претседател на рецензентите и рецензенти за учебниците да може да бидат готови.