Вчера биле прегазени тројца пешаци, полицијата пак, со акција за прекршоците на пешаците


Фото: Б. Грданоски

Двајца пешаци во Скопје  и Скопско, и уште еден во Тетово, вчера биле прегазени со автомобили, додека преминувале улица, нотира полицискиот билтен.

Имено, во 8.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Иван Хаџи Николов“ во Скопје, патничко возило „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(57) од с.Долно Лисиче, удрило во пешакот Ј.Т.(37) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Истиот ден, во 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Визбегово, скопско, патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Џ.Ј.(52), удрило во пешаците Љ.С.(79) и И.Т.(61), двајцата од с.Визбегово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата пешаци и возачот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Во 14.30 часот во СВР Тетово било пријавено дека на крстосницата од бул.„Видое Смилевски-Бато” со ул.„Љубо Божиноски-Пиш“ во Тетово, патничко возило „бмв“ удрило во пешакот А.Б.(45) од Тетово, по што го напуштило местото.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во исто време пак, полицијата спроведе засилена акциска контрола на територијата на целата држава за санкционирање на прекршоци што ги прават пешаците. При контролата, санкционирани се 220 пешаци од кои, 204 за небезбедно преминување на улица надвор од пешачки премин. Само во Скопје биле казнети 32 пешаци, во Битола 37, во Тетово 31, во Штип 13…

Предвидените парични глоби за ваквите прекршоци се движат од 20 до 50 евра во денарска противвредност, а прекршителите ќе бидат повикани и на таканаречена сообраќајна поука.