Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето


Светскиот ден на книгата и авторското право на 23 април ќе се одбележи во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. По повод овој ден порака испрати генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
„Книгите овозможуваат да се соедини човештвото во една фамилија споделувајќи го минатото, историјата и културното наследство, со цел да се изгради една заедничка иднина каде што сите гласови се слушаат во еден хор со човечки здив. Книгите се наши сојузници во ширење на образованието, науката, културата и информацијата насекаде во светот“, пишува Азуле.

Понатаму додава дека, оваа година УНЕСКО го става акцентот токму врз овој важен аспект бидејќи 2019 година е прогласена за Интернационална година на автохтоните јазици, за реафирмирање и поттикнување на меѓународната заедница да им помогне на автохтоните народи да ги сочуваат својата култура, своите знаења и своите права.

„Овој ден е добра можност заедно да размислиме како подобро да ја шириме писмената култура и да му овозможиме на секое живо суштество, мажи, жени и деца, пристап до неа“, додава Азуле.

Од домашните автори пораката ја напиша режисерот, писател и фотограф Милчо Манчевски.

„Имаше еден свет што ми помогна да си го најдам местото – книгите. Книги, стрипови, книги за деца, книги за возрасни, бајки, кратки раскази, митови и легенди, приказни за каубои и Индијанци, секакви книги… Со часови, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев нив. Ги живеев книгите во вистинската смисла на зборот. Со часови ќе мислев за тоа што значи некоја реченица и како се поврзува со она што веќе го знаеме во приказната. Или ќе го замислував светот надвор од квадратите на стрипот обидувајќи се да поврзам цртеж со цртеж. Развивав цели предистории за приказните и луѓето што ги населуваа книгите кои ги читав, знаев што се случува во гратчето таму надвор од пенџерето на хотелската соба над салунот во цртежот од стрипот или што ќе му се случи на Том Соер откако ќе заврши книгата. Книгите ми помогнаа да си ја повратам рамнотежата и да си го најдам местото во светот. Не е важна само информацијата што ја добиваме од книгите – иако информацијата што се пренесува од колено на колено е она што ја прави цивилизацијата цивилизација. Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето. Чувството на припаѓање. Припаѓање на свет кој е исто толку богат и важен колку оној во кој престојуваат твоите крв и месо“, пишува меѓу другото Манчевски.