Важен ден за Шведска: Ердоган одобри да се гласа за членството во НАТО


 Во понеделникот турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поднесе на ратификација на парламентот нацрт-закон за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО.

Ова го соопшти турското претседателство.

„Протоколот за пристапување на Шведска во НАТО на 23 октомври 2023 година е потпишан од страна на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и е испратен до Големото народно собрание на Турција (ТБММ)“, се вели во соопштението.

Претседателството не соопшти повеќе детали.

Позитивните сигнали од Анкара доаѓаат во исто време кога генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави посета на Стокхолм каде ќе оствари серија средби со владините лидери.

Ердоган го одложи ратификувањето на членството на Шведска, обвинувајќи го Стокхолм дека е премногу мек кон курдските милитанти и другите групи кои ги гледа како безбедносна закана.

Турција беше налутена и од серијата демонстрации со палење на Куранот во Шведска. Шведска и нејзиниот сосед Финска се откажаа од децениското воено неврзување откако рускиот претседател Владимир Путин им нареди на руските трупи да ја нападнат Украина во февруари 2022 година, барајќи заштита под безбедносниот чадор на НАТО.

Финска се приклучи на воената алијанса во април.

Претходно овој месец, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја повика Турција брзо да го ратификува членството на Шведска во воената организација.

„Многу сојузници би сакале да видат брз напредок во ратификацијата“, рече Столтенберг по претседавањето со состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. „Шведска го исполни она што го вети и сега ни треба ратификација на шведското членство“.

Секој од 31 сојузник на НАТО мора да го поддржи членството на Шведска. Доколку турскиот парламент го поддржи предлогот на Ердоган, што е речиси сигурно, Унгарија сепак треба да ја одобри ратификацијата.