Ватикан: Состојбата на папата Франциско е малку подобрена, но и понатаму е критична


Фото: Б. Грданоски

Здравствената состојба на папата Франциск (88), кој беше хоспитализиран поради билатерална пневмонија, покажува „благо подобрување“, иако и понатаму е „критична“, се вели во соопштението на Ватикан.

„Клиничката состојба на Светиот Отец, иако сè уште е критична, е малку подобрена. Денеска нема ниту една епизода на астматична респираторна криза; некои лабораториски тестови се подобрени“, се објаснува во соопштението.

„Благата бубрежна инсуфициенција“, која болницата првпат ја спомна во неделата, „не е причина за загриженост“, велат од Ватикан. Тој додава дека терапијата со кислород продолжува, но со намален проток и процент на кислород.

Десет дена во болница
88-годишниот папа беше примен во римската болница „Гемели“ на 14 февруари, откако неколку дена имаше проблеми со дишењето, а потоа му беше дијагностицирано воспаление на двете бели дробови.

Ова е неговата најдолга хоспитализација во неговото 12-годишно папство.

Франциско, кој е папа од 2013 година, страдаше од лошо здравје во последните две години. Тој е особено склон кон инфекции на белите дробови бидејќи кога бил млад заболел од плеврит и му бил отстранет дел од едното белодробно крило.