Васко Ковачевски поднесе оставка како директор на ЕСМ, ќе го наследи Васко Стефанов

Васко Стефанов сега прв човек на Пошти, а пред тоа на Водостопанство; по професија е инженер по техничка логистика


Фото: Б. Грданоски

 

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, поднесе оставка. Тој ја депонирал оставката до премиерот Димитар Ковачевски.

За наследник на Васко Ковачевски на позицијата генерален директор на АД ЕСМ ќе биде преложен Васко Стефанов сега прв човек на Пошти, а пред тоа на Водостопанство, кој по професија е инженер по техничка логистика.

Ова на прес-конференција го соопшти премиерот Димитар Ковечевски кој рече дека оставката на Васко Ковачевски е од лични причини.

„Директорот Ковачевски ме информираше дека заради лични причини поднесува оставка од функцијата директор на ЕСМ. На ова тема имаме разговарано уште минатата година во однос на потребата да се посвети повеќе на своето семејство, заради големите обврски кои секој менаџер ги поминува. Утрово до мене усмено ја достави оставката, а утре и писмено, а ќе биде усвоена на следната седница на Владата и ќе биде препорачан нов директор на АД ЕСМ“, рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека оставката на директорот на АД ЕСМ била донесена од поодамна, уште пред кризата, но поради потребата за успешно менаџирање на енергетската криза било одлучено раководтството да остане на функција.

Досегашниот директор на ЕСМ, Ковачевски, во одговор на новинарско прашање рече дека е вработен во АД ЕСМ, покрај тоа што беше назначен за претседател на УО и за генерален директор.

„Прво ќе го земам одморот од 20 дена кој што ми следува, а потоа по проценка на новиот менаџмент на ЕСМ, на министрите и на Владата ќе процениме каде и какво ќе биде моето место во компанијата. Она што јас го протежирам, е да се посветам на семејството, односно на моите две деца кои што имаат потреба од мене за иден раст и развој, односно за образование и успешно менаџирање во приватниот бизнис“, рече Димитар Ковачевски.

Васко Ковачевски заедно со премиерот Димитар Ковачевски денска на заедничка прес-конференција го презентираа годишниот извештај на АД ЕСМ за 2022 година.

Надзорниот одбор на ЕСМ го назначи Васко Ковачевски за претседател на Управниот одбор и за генерален директор во јули 2019 година, функција на која дојде од местото директор на РЕК „Битола“ (најголема подружница на ЕСМ) каде беше назначен во јануари 2018 година.