Васил Христов го поставува Чехов во Турски театар


Турски театар – Скопје вечерва од 20 часот на сцената на „Театар комедија“ премиерно ќе ја изведе „Три сестри“ по мотиви од драмата на Антон П. Чехов, во адаптација и режија на Васил Христов, кому ова му е трета соработка со овој ансамбл во изминатите 25 години.
На почетокот на 1990-тите Христов во Турски театар ја постави „Тетовирани души“, а во 2009-та – „Будење на пролетта“ која имаше само една изведба на тогашниот фестивал „Скопско лето“.
– Се надевам дека ова ќе биде трета среќа и дека оваа претстава ќе има живот. Ансамблот е сега подмладен, театарот има нова управа, прекрасни желби и идеи како да се развива Турски театар понатаму. Кон таа смисла води и оваа претставата. Се правеше со голема желба и емоција да се влезе подлабоко и поискрено во театарот како уметност, да говориме со искрен театарски јазик, меѓутоа поединечно, а не како народ, толпа, народности или како малцинства во Македонија. Не, туку секој за себе, бидејќи сите се наоѓаме во истиот кош. „Три сестри“ е рефлексија на секој поединец во општеството – човек кој сака да избега од себе и никогаш не може, сите му се криви, освен тој самиот – рече Христов денеска на прес-конференција.
Додаде дека со изборот на текстот „Три сестри“ си задал себеси тежок товар затоа што, рече, Чехов уште од студентските денови не му е најмил автор и смета дека стилски е надминат одамна. Одбивноста кон Чехов, како што рече, ја чувствува уште од детството кога во семејниот дом слушал за тоа како се работи Чехов.
– Од Станиславски па наваму, сè е Чехов и секој има начин како тој модерно се работи. И поради тоа цел живот, веројатно, имам одбивност да се соочам со Чехов – рече Христов.
Меѓу актерите во претставата е и Наџи Шабан кој ќе го игра ликот Татко. По 11 години се враќа на сцената, зашто од 2008 година не добивал улоги во матичниот театар. Не навлегувајќи во причините поради кои претходното раководство не го ангажирало во претстави, Шабан, кој до 2007 и самиот беше директор на Турски театар – Скопје, рече е задоволен од процесот на подготовка и соработката со режисерот и колегите.
– Не дека обвинувам некого, но сакам да кажам дека мене ме зафати бранот на претходниот систем и ме отфрли некаде. Изгледа преживеав благодарение на театарот, режисерот и раководството кои ме сместија во оваа претстава во која добивам улога на Татко кој во текстот го нема. Јас сум пред сè актер, тоа е мојата професија и многу сум радосен што по долго време успеав да настапам, сега и со млада генерација актери – рече Шабан оставајќи за претставата да се зборува откако ќе биде видена.
Покрај него, во актерската екипа се и Емине Халил, Ерман Шабан, Жале Османли, Инес Радончиќ, Јеткин Сезаир, Неат Али, Селпи Керим, Сузан Акбелге и Џенап Самет. Режисерот Васил Христов е и сценограф на претставата и ја избрал музиката, а костимите ги изработи Роза Трајчевска-Ристовска.
„Три сестри“ ќе биде втора премиера на Турски театар – Скопје во 2019 година, по „Јунаци од бајките и Црвенкапа“ која ја изведе во март, а до крајот на годинава ќе има уште две премиери.