Васил Гарванлиев ќе не претставува на Евросонг во Ротердам

Васил Гарванлиев, со авторски тим составен од етаблирани музички имиња,  кои имаат остварено успешни музички проекти, ќе ја претставува Македонија на Евросонг 2020, во мај, во Ротердам, Холандија, соопшти Македонската Радио Телевизија како активна членка на Европската радиодифузна унија.

Македонската Радио Телевизија  ги разгледала условите и обврските  кон ЕБУ кои  Јавниот сервис ги добива со потпишување на апликцијата за учество  на оваа етаблирана манифестација и пристапила кон нивна реализација.

Во таа насока Првиот програмски сервис на МРТ организирала затворена дебата на 28.11.2019 во просториите на ЈРП МРТ на којашто беа поканети и  учествуваа автори (композитори, текстописци, аранжери), новинари кои ја следат евровизиската сцена и претставници на ОГАЕ (евровизиски фан клуб на Македонија), при што беа изнесени слични ставови со мислењата на уредниците од Програмскиот колегиум на МТВ1, оваа година да се прифати минатогодишниот модел на изведувач(и) – автор(и).

Македонската Радио Телевизија ги поканува авторите да ги достават своите сериозни и креативни музички предлози на нејзина адреса до крајот на месец јануари 2020-та година.

Кој е Васил Гарванлиев? 

Васил Гарванлиев и е познат на македонската публика уште од најраната возраст, кога на само седум години го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.

На 12 години заедно со неговото семејство се селат во САД каде станува дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Негово образование по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската Школа при Универзитетот на Торонто во Канада.

Прогласен за најмлад, но и еден од најбараните баритони во Канада, тој за време на својата дваесет и пет годишна кариера има испеано над 50 главни оперски улоги, меѓу кои се Дон Џовани, Фигаро, и Лепорело, и како солист во најеминентните фестивали во светот како Банф, Малборо, Бритен-Пеарс и Грахтен.

Неговиот вонсерски талент го препознале и голем број светски музичи ѕвезди меѓу кои Chance the Rapper и YoYo Ma.

Во 2018та година, Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени.

Неговото враќање во Македонија е одбележано со песните „Ѓердан“, „Патувам“ и „Мојата Улица“, надополнети со извонредниот акустичен концерт во живо со сплет на македонски евергрини – Дом. Патување. Љубов. – како и голем солистички концерт насловен „Мојата Улица“ во Струмица.

Васил исто така минатата година беше дел од успешниот евровизиски тим во Израел во улога на придружен вокал на Тамара.

“Да бидам избран од страна на МРТВ како преставник на Македонија на годинешната Евровизија во Ротердам, за мене преставува огромна чест, но и одговорност. Ќе дадам сѐ од себе да ја преставам Македонија уште еднаш во најдобро можно светло, како што тоа го правев и во изминатите дваесет и пет години настапувајќи низ целиот свет. Им благодарам на сите што се дел од ова мое музичкo патување и се гледаме во Ротердам, изјави Васил.