Вашингтон подготвил мировен план од 22 точки за руско-украинската војна


Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина Кит Келог изјави дека Вашингтон подготвил мировен план од 22 точки за решавање на руско-украинската војна и откри што подразбира првата точка.

Тој во објава на мрежата „Х“ посочи дека се работи за „сеопфатно примирје“.

Според неговите зборови, во Истанбул американскиот државен секретар Марко Рубио „јасно ставил до знаење“ дека тоа е „силен мировен план“.

– Како резултат на средбите во Лондон, ние (САД) развивме сеопфатен план од 22 точки што е основа за мир. Првата точка е сеопфатно примирје кое веднаш би го запрело убиствата, напиша Келог.

Средбата на руската и украинската делегација во Истанбул на 15 мај беше првиот директен разговор меѓу Москва и Киев по прекинот на преговорите во 2022 година, а иницијативата за таа средба ја покрена рускиот претседател Владимир Путин на 11 мај, пренесува Политика пишува Танјуг.

Путин предложи директните преговори, кои беа прекинати пред три години, да се започнат без предуслови и побара од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да биде домаќин.

На преговорите во Истанбул се приклучи и американската делегација.

Меѓутоа, Путин не се појави во Истанбул, туку испрати делегација, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски беше во Анкара.

Неколку дена по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија и Украина започнаа преговори во Белорусија.

Тие преговори подоцна продолжија во Истанбул.

Нацртот што беше таму договорен и кој ја постави рамката за можно решение на конфликтот е познат како „Истанбулски договор“.

Но, разговорите пропаднаа во мај, а руските власти долго време тврдат дека може да се постигне решение по моделот на договорот од Истанбул.

И Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, неодамна се осврна на нацртот од 2022 година како потенцијален водич за постигнување мир во иднина.

Според нацртот, Украина би се согласила на постојана неутралност во замена за меѓународни безбедносни гаранции од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН: Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД, но и од други земји, вклучувајќи ги Белорусија, Канада, Германија, Израел, Полска и Турција.

Украина, всушност, привремено се согласи на нечленство во НАТО во замена за безбедносни гаранции кои, во случај на руска инвазија, ќе ги обврзат САД и нивните сојузници директно да се вклучат во борбата против Русија.

Прашањето за територијата во нацртот од 2022 година беше секундарно во однос на безбедносните гаранции.

Но, дипломатите од двете страни го сметаа за убедливо најголемата пречка за мирот.

Откако беше нападната, Украина сакаше да и се гарантира безбедност, но Соединетите Држави и нивните сојузници беа претпазливи за потенцијална војна со Русија.

Според нацртот од 2022 година, патот на Украина до можно членство во Европската унија би бил поедноставен, а Русија побара да се ограничи бројот на украинските вооружени сили, како и да се укинат законите кои Москва ги смета за дискриминаторски кон населението што зборува руски, пренесува Ројтерс.