Варвициотис: Грчката влада мора да биде подготвена за Брегзит без договор


Грчката влада, до 31 октомври мора да биде, и ќе биде подготвена за веројатноста Обединетото Кралство да излезе без договор, за потресите во грчката економија и односите меѓу двете земји да бидат колку е можно помали, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во грчкото МНР се одржа состанок со надлежните министерства, а Варвициотис, вели дека целта е да се подготват сите грчки државни институции за Брегзит без договор, јави дописничката на МИА од Атина .

– Постои листа со стотици нерешени прашања кои треба да ги разгледаме во случај на Брегзит без договор и да преземеме законодавни иницијативи за навремено да се справиме со нив. Поради тоа треба да бидеме подготвени така што на 31 октомври, што е крајниот датум за преговорите, Грција да не биде неподготвена, објаснува алтернативниот министер за надворешни работи на Грција во изјавата за АНА-МПА.

Варвициотис додава дека Грција треба да работи за да биде подготвена за сите аспекти на Брегзит без договор.

-Ова се однесува на нашите односи на економско ниво, на образовно ниво, на односите што ќе ги имаат грчките граѓани кои живеат во Обединетото Кралство со властите таму, на односите кои британските граѓани кои живеат во Грција ќе ги имаат со властите овде, на даночните теми, на снабденост на нашите аптеки со лекови од Обединетото Кралство, како и на низа други прашања за да се намалат било какви негативни влијанија при евентуален излез без договор, вели Милитиадис Варвициотис.