Варварски напад на Харков, воен конвој од 64 километри оди кон Киев (ВИДЕО)

Руските сили напаѓаат станбени згради со крстосувачки ракети, жртвите се бројат.


 Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, повика на дополнителни меѓународни санкции против Русија по, како што рече, „варварскиот“ напад на градот Харков.

– Варварски руски ракетни напади врз централниот Плоштад Слобода и станбените области на Харков. Путин не може да ја скрши Украина. Од бес, тој врши повеќе воени злосторства, убивајќи невини цивили. Светот може и мора да направи повеќе. Зголемете го притисокот, целосно изолирирајте ја Русија, напиша Кулеба на Твитер објавувајќи видео од нападот.

Истовремено, нови сателитски снимки од Maxar Technologies покажуваат огромен руски воен конвој на пат кон Киев. Конвојот, кој, според Максар, е долг повеќе од 64 километри, се движи кон главниот град на Украина од северозапад, јавува Си-Ен-Ен.

Секој кој ќе учествува во воени злосторства во Украина, ќе се смета за одговорен, нагласи денеска, заменик-премиерот на Велика Британија, Доминик Раб. – Ова се трансформира во многу поопасен проблем за Путин, отколку што тој самиот мисли, изјави Раб за „Скај њуз“. Тој смета дека беа „доволно јасни“ кога „кажавме дека тие, кои учествуваат во воени злосторства, за тоа и ќе одговараат“. Раб додаде дека Велика Британија нема да бара зона за забранети летови над Украина, како и дека конфликтот нема да заврши, дури и доколку Русија успее да го окупира Киев.

Во ракетирањето на центарот на Харков повредени се шест лица, од кои едно е дете, а бројката на загинати се утврдува, соопшти Државната служба за вонредни состојби. Украинските медиуми јавуваат дека е изгаснат пожарот што, по нападот, се појави на покривот од зградата на операта.

Шефот на регионалната државна управа во Харков, Олег Синегубов, изјави дека центарот на Харков и станбените квартови беа нападнати со системите „Град“ и крстосувачки ракети. Од нив, додаде тој, зафатени беа  плоштадот во центарот на храдот, каде се наоѓа и зградата на подрачната државна управа.