Варшава инвестира милиони во нуклеарни засолништа

Инвазијата на Украина влијаеше врз полските власти да ги забрзаат подготовките за потенцијални напади


Варшава ќе потроши 117 милиони злоти (околу 30 милиони долари) во следните две до три години за нуклеарни засолништа и други безбедносни мерки, додека војната во соседна Украина влегува во третата година, изјави вчера градоначалникот на полската престолнина.

Иако Полска ги уверува своите граѓани дека членството во НАТО значи дека се безбедни од евентуален руски напад, инвазијата во соседната земја влијаеше на властите да ги забрзаат подготовките за потенцијални напади.

„На наша иницијатива тие презедоа попис на места за засолништа“, рече Рафал Часковски на прес-конференција по објавувањето на извештајот на Врховната агенција за ревизија во земјава за капацитетите на прифатилиштата.

Според податоците на противпожарната служба, помалку од четири отсто од населението може да смета на место во прифатилиште, стои во извештајот на ревизорот. Тој, исто така, укажува на недостаток на основни прописи за засолништата, вклучувајќи ја потребната опрема и технички карактеристики потребни за заштитните структури.

„Подземните гаражи и метро станиците се меѓу седумте милиони квадратни метри простор во Варшава кои можат да послужат како засолништа, рече градоначалникот“. Тој додаде дека болниците ќе бидат подготвени за закани, а жителите ќе бидат обучени како да постапуваат во итни ситуации.