Варшава го презема полскиот имот на „Гаспром“

Полскиот министер за развој, Валдемар Буда денеска најави дека Варшава ќе го преземе полскиот имот на рускиот „Гаспром“. Всушност Полска ќе преземе 48 отсто од акциите на „Гаспром“ во „Еурополгас“, компанија, која е сопственик на полскиот дел од гасоводот „Јамал“.
Буда истакна дека принудната управа ќе се погрижи за безбедноста на клучната инфраструктура за транзит на гас.
Во септември Полска воведе санкции кон „Гаспром“ и најави дека имотот на компанијата ќе биде замрзнат, откако во април санкционираше 50 руски олигарси и компании за да изврши притисок врз Москва поради инвазијата врз Украина.
Во исто време, Русија ја прекина испораката на гас за Полска, откако Варшава одби да плати во рубљи.
Иако „Еурополгас“ е сопственик на полскиот дел од „Јамал“ долг 684 километри, оператор на гасоводот е државната полска компанија „Гас-Систем“.
Откако „Гаспром“ беше погоден од санкции, операторот на гасоводот немаше партнер кој ќе ги донесе клучните инфраструктурни одлуки.
Министерот Буда наведе дека Полска прави се за да се спротивстави на руската агресија и да го елиминира рускиот капитал и влијание, но тоа не вклучува експропријација.
– Бидејќи експропријацијата не е можна според полскиот Устав, решивме да воспоставиме принудна администрација, посочи Буда.